Почина познатиот струшки писател Разме Кумбароски

- Локални, Хроника
1084

Познатиот писател од Струга,  Разме Кумбароски, денеска ја загуби битката со коронавирусот.

,,Се бореше храбро и истрајно, со исконска љубов кон животот овде, со љубов карактерстична само за добра душа како неговата. Во неговиот поетски речник, короната ја објасни како „армија на војници, кои пукаат и ме убиваат од внатре, ама јас се борам и живеам“, напиша денеска на социјалните мрежи неговата ќерка Бистра Кумбароска.

 -Неговиот живот беше исполнет со креации кои бескрајно ќе се паметат: од приказните кои ги раскажуваше за Блаже Конески и Десанка Максимовиќ, до бројни книги, фестивали, уметнички настани – дела и траги кои зрачат со мудрост и убавина. Неговиот сон беше да креираме свет на искреност, чесност и љубов – и низ својот живот успеа да го пренесе баш тоа. Со него патував низ најубавите светови, патувања кои за мене никогаш нема да завршат.-додава Кумбароска.

Кумбароски е роден на 29 март 1944 година во Струга. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Во 1980 година магистрирал на Факултетот за политички науки во Загреб. Заедно со Д. Дурацовски е основач на мултимедијалното списание за литература и уметност „Форма“. Најголемиот дел од својот професионален живот го поминува како генерален секретар на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. По пензионирањето, ја иницира и оформи Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ која освен публикување, се јавува и како една од ретките организации во државата кои се домаќини на Фестивалот на есејот. Беше член на ДПМ од 1987 година. Автор е на 60 книги поезија, есеи и романи, а неговото творештво е преведувано на 12 светски јазици.

Facebook Коментари