Предавање во склоп на проектот „Визуелна педагогија“ денеска во Струга

- Локални
628

Денеска со почеток во 18:30 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи третото од серијата предавања во рамки на проектот „Визуелна
педагогија“ инициран и реализиран од Владимир Јанчевски и Сафет Ахмети од Центарот за Визуелни студии – Скопје.

-Предавањето кое ќе се осврне на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз формирањето на свеста. Преку кратко
претставување на досегашната работа на Центарот за визуелни студии – Скопје ќе се потенцира потребата од визуелните студии, која се појавува поради енормниот обем на
доминантно визуелни информации и бројните начини на кои може да настане до проблеми во комуницирањето на намерите и пораките.-информираат организаторите.

Акцентот на презентацијата ќе биде ставен на претставување на новите сознанија од теоријата (преку книгата на Николас Мирзоф, „Како да се гледа светот“) и анализа на неколку скорешни медиумски влијателни примери од популарната култура, како што се музичкото видео на Бијонсе и Џеј-Зи за Apeshit објавен во јуни 2018 и аукцискиот „скандал“ и „обидот за субверзија“ на Бенкси кој се случи на 5 октомври 2018 година.

Владимир Јанчевски и Сафет Ахмети, толкувајќи ги преку поимот слобода и неговите ограничувања во неолибералниот капитализам, ќе се обидат да ги постават во рамката на она што германскиот филозоф со кореанско потекло Бјунг-Чул Хан го дефинира како „Психополитика“, со цел да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, опасностите од блокирањето на еманципаторскиот потенцијал, но и начините преку кои тие можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера.

Strugaonline

 

Facebook Коментари