Прво самостојно претставување на сликарката Аница Китаноска од Вевчани

- Локални
437

Во рамките на Вевчанското културно лето -2018 година, пред верскиот празник Преображение на Господ Исус Христос, во Вевчани се случи не секојдневен настан. Имено, хроничарот на Вевчани, писателот, поетот, публицистот Мишо Китаноски ја имаше можноста да ја отвори Првата самостојна изложба на младата Вевчанска сликарка Аница Китаноска, родена 2000 –та година во Вевчани. Основно образование завршува во своето родно Вевчани. Во 2018 година, во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, отсек –сликарство во Скопје.

Учествувала со свои слики на неколку колективни изложби, како и на Меѓународните ликовни колонии во Вевчани и Кочани. Сега е примена на студии на престижната Ликовна академија во Равена – Италија.

Кон изложбата со свои зборови се обрати Мишо Китаноски кој ја прогласи и за отворена пред големиот број љубители на уметноста, кој рече: Вевчанскиот ликовен круг почна пред многу години со академскиот сликар Стојан Размоски, а продолжи многу подоцна со академските сликари: Никола Угриноски како и со Марјана Костојчиноска и Владо Мукоски.

Безбели, нема да заврши тука, бидејќи, својата творечка најава на ликовен план, со несомнениот сликарски талент суверено го најавува Аница Китаноска, уште на оваа прва нејзина самостојна изложба.

Од изложените платна, може да се види дека Китаноска, своите сега-засега творечки преокупации ги има сместено и насочено во две сосема различни ликовни насоки: во портретите и пејсажот. Додека во портретот таа се нурнува пред се, во психолошките пулсирања и тајните на оној што го слика, односно на неговиот лик, во сликите што припаѓаат на пејсажот, работата стои сосема поинаку. Во нив младата сликарка импресионирана и освоена од убавините, но и од чувството и сознанието дека слика еден митски омеѓен простор што и припаѓа на планината Јабланица, таа не ги штеди своите внатрешни треперења сосема спонтано сликарски богато да ги искаже, односно да ги плисне со и во боите. Со тоа, таа многу успешно и во впечатлив начин покажува и докажува дека таму до каде што стигнува нејзината инспирација уште потаму продолжува чуствителноста со играта на бојата и преобразбата на платното во делото што пленува и освојува. Значи, збор станува за талентираната уметничка, чии сегашни (изложени) дела, се доволна гаранција да го тврдиме следното: Аница Китаноска е на вистинскиот пат, со она што допрва ќе го создава, да не увери дека ова прво (вевчанско) дебатирање е заслужено и творечки успешно во очекување дека следните нејзини презентации ќе ги имаат ѕвездените мигови на нејзиниот сега веќе осведочен и потврден ликовен талент. А, тоа е доволно за успешен старт во светот на уметноста и во животот истакна Китаноски.

Текст: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

Facebook Коментари