Сашо Србиноски: Maкедонските ракометари и ракометарки имаат потенцијал за ракомет на песок

Изминатава недела Полска беше домаќин на Европското првенство во ракомет на песок на кое свои репрезентации и во машка и во женска конкуренција имаше и Македонија. На првенството учествуваа дваесет европски земји, а селектор на македонските тимови беше Г-дин Сашо Србиноски.

Во машка конкуренција победи селекцијата на Данска, втора беше екипата на Норвешка, а најдобрата тројка ја заокружија ракометарите на Унгарија Победник во женска конкуренција повторно беше Данска, на втората позиција заврши Унгарија,а третата позиција ја освои Холандија.

Машката македонска репрезентација ја освои деветнаесеттата, а женската репрезентација дваесеттата позиција.

За искуството од учеството на ова првенство зборувавме со селекторот Сашо Србиноски.

Play radio: Како течеа подготовките пред заминувањето во Полска? Кои струшки ракометари беа дел од женската и машката репрезентација?

Сашо Србиноски: Најпрво да напоменам дека Македонија после пауза од осум години се врати на Европското првенство во ракомет на песок. Последен пат учествуваа в0 2011 година во Хрватска, а потоа имавме еден голем прекин се до годинава. Тоа не беа класични подготовки, но вежбавме шест дена во Скопје во период од 19-ти до 25-ти јуни. Подготовките беа во Скопје бидејќи само таму покрај Вардар постои такво игралиште. Работевме секој ден по два пати,  но велам не беа класични подготовки бидејќи за шест дена не може да се вметнат сите елементи и да се тренира како што треба за ракомет на песок. Ракометот на песок е драстично различен од обичниот ракомет. Во ракометот на песок има голови кои се сметаат како два постигнати поени и голови кои се сметаат како еден постигнат поен, односно пируети и цепелини. За тие да се постигнат и изведат постојат посебни правила. Првите три дена се посветивме на индивидуалните подготовки на секој од играчите, 95% од ракометарите и во машка и во женска конкуренција прв пат се среќаваа со ваков вид на ракомет, а со него и сите правила кои се многу различни споредено со обичниот ракомет, а немавме можност да одиграме ниту еден пријателски натпревар за да им најдеме соодветни позиции на играчите.

Од Струга во машката репрезентација беше Цветан Кузманоски кој беше убедливо најефикасен во нашата репрезентација и ова му е трета година како игра ракомет на песок, за него не беше ништо ново и затоа толку се истакна. Тука е и Христијан Крстаноски кој пред две години почна да игра ракомет на песок. Кај девојките од Струга беше Теодора Маркоска која веќе седум години игра ракомет на песок и таа беше една од носителите на женската репрезентација. Теодора за жал третиот ден доби непријатна повреда, неколку натпревари пропушти но морам да признаам дека  има силна желба и љубов кон овој спорт и последните два три дена играше недоволно закрепната.

Play radio: Каква беше конкуренцијата и кои беа Вашите очекувања пред првиот натпревар?

Сашо Србиноски: Пред да тргнеме им кажав на сите ракометари и ракометарки дека одиме во невозможна мисија. Отворено кажав дека сите се поподготвени од нас во секоја смисла, но нашата цел беше да добиеме основа за следните години и да ги откриеме ракометарите и ракометарките кои на идните натпреварувања ќе бидат предводници и основа во ракомет на песок. Мислам дека ја остваривме нашата цел, иако очекував некоја силна репрезентација непријатно да изненадиме но се излажав. Посебно скандинавските репрезентации многу напредувале, тоа имавме можност да го забележиме. Многу работеле, тренерот на Данска ми кажа дека во зима носеле песок во сала за да вежбаат.

Play radio: Зошто во Македонија нема интензивно вежбање кое би донело успех на вакви првенства?

Сашо Србиноски: Струга е единствениот клуб кој со овој спорт се занимава повеќе од петнаесет години, неколку пати и во ракометната федерација се обидов да им укажам на предностите од другите клубови, ако месец или два во текот на летото се посвети внимание на овој спорт би било сосема поинаку. Ракометарите и во машка и во женска екипа ги бираме врз основа на скочност, висина итн. Доколку постојат повеќе клубови во земјава и во лето играат меѓу себе ќе видиме како се однесуваат на терен, како играат во одбрана, како во напад и селекцијата би била поинаква, а следствено на тоа и успехот. Ние не тргнавме од „нула“ туку од „минус“. Земаме играчи за кои претпоставуваме дека би биле добри. Инаку, нашите ракометари имаат потенцијал дефинитивно, секој ден како што одминуваше првенството играа се подобро и подобро и имав можност да видам на кого која позиција најдобро му лежи. За да биде друга ситуација клубовите мора да се заинтересираат за ракомет на песок.

Play radio: Каков беше развојот на ракометот на песок во Струга почнувајќи од самиот почеток па се до денес?

Сашо Србиноски: Морам да напоменам дека од 2003 година во Струга е актуелен ракометот на песок, на покана на мои пријатели од ракометот во Турција, ние на видео касета прв пат гледавме и правила на игра и воопшто како се игра овој спорт и од тогаш не сме застанале. Секоја година почнувајќи од 2003 година, постојано одиме на турнири, сме биле во Турција и Србија, а последниве години одиме во Грција. Грците имаат првенство и го организираат во вид на турнир, секој викенд во различен град и на крај најдобрите одат во ф4 и играат за шампион на Грција. Благодарение на познанства со поранешни ракометари, сегашни тренери на обичен ракомет и ракомет на песок, постојано учествуваме на турнирите во Грција како гости. На 18-ти и 19-ти јули ќе одиме на турнирот во Парга за да ја  продолжиме  традицијата.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

Facebook Коментари