Балетското студио БАХ на 11-ти октомври ќе го одржи својот јубилеен годишен концерт со кој што слави 25 години од своето постоење, токму толку време во Струга создаваат уметност и сонуваат и остваруваат соништа на подиумот на животот. Концертот е насловен како „ЖУРКА“, а Баховки и во опуштено издание ќе испратат силна порака и ќе покажат што значело да се биде на журка некогаш, а како тоа изгледа денес. Во точката помеѓу некогаш и сега тие преку танц ќе ги вметнат зборовите и ќе покажат „како треба“ да изгледа. За подготовките, костимите, планираните точки и сите поединости кои ќе го направат овој годишен концерт посебен и поинаков разговаравме со Тања, идеен творец и кореограф во Студиото за танц „БАХ“
Play radio: Како течат подготовките на девет дена пред големиот концерт?
Тања Бах: Возбудливо е, во вашето студио сум со две намени. Првата е да го измиксаме конечниот прозивод , тоа со години наназад се работи токму во Play radio и за тоа сум благодарна бидејќи вашиот медиум секогаш дава поддршка на уметноста. Возбудливо е и на нашите проби, изморена сум, но тој замор не го чувствувам многу затоа што генералните проби ме освестуваат и будат за да бидам свесна за сето она што сме го сработиле квалитетно.
Play radio: Оваа година на публиката и нудите нешто поинакво, претходно имавте и класични концерти и балетски претстави, сега одите во една поопуштена комбинација, без приказна но со силна порака. Што се’ ќе имаат можност да видат љубителите на танцот во Струга?
Тања Бах: Ние сме познати по show dance, такви се сите наши концерти и настапи со естрадни уметници кои се наградени, на тој начин оставаме посебен белег на македонската сцена. Така беше и со „Пепелашка“, „Убавицата и sвезрот“, „Улица поинакви“ и „Временска машина“. Вложуваме навистина многу, и секогаш помислувам дека не може подобро од тоа што сум го сработила но искуството покажува дека можам и дека креативноста е категорија која се повеќе се развива кај човекот. Годинава решивме да понудиме нешто сосема различно, хип-хоп стилот јас не го негувам, бидејќи не е моја специјалност, но младите тоа го бараат. Имавме повеќе од петнаесет семинари оваа година. Колеги од земјава кои тоа го работат доаѓаа и вежбаа со моите деца и направивме нешто навистина модерно. Toa значи дека освен нашиот стил, ќе има и хип-хоп .Се склопија сите коцки природно, па затоа заедно со јубилејот од 25 години правиме ЖУРКА.
Play radio: Самото потсетување дека се слави јубилеј 25-години, ако се вратите наназад на самите почетоци, и Ваши и на Студиото за танц „БАХ“, што се’ постигнавте од тогаш до денеска?
Тања Бах: Многу луѓе ме прашуваат како славиме 25 години и колку години имам јас. Значи, се смета и времето кога јас почнав да танцувам на мои четринаесет или петнаесет години. Тогаш е оформено всушност студиото „БАХ“. Јас и три другарки започнавме со ваков тип на современ танц во Струга. Инаку, јас со деца работам деветнаесет години, што значи дека ова е деветнаесетто „БАХ шоу“ по ред. Разликата од тогаш до денеска е голема, исто како еден човечки карактер, кога си помлад некои други работи ти се приоритет, а кога ќе созрееш разбираш дека не си бил во право. Кога си созреан си изграден и подобар од претходно. Како што секој човек работи на себе, така е работено и на Студиото за танц БАХ. Почетоците беа тешки, бидејќи требаше да докажеме дека имаме сериозна визија во време кога никој не веруваше дека тоа може да прерасне во сериозна работа, но затоа, мојата мајка веруваше во тоа. Таа ме упати и од неа имав огромна поддршка и денес танцот мене ми е работа. Доколку мајка ми не веруваше во мене и во тоа што го сакам, денеска немаше да биде ништо. Со оглед на тоа дека мајка ми ја работеше новинарската работа, беше во тек со настаните од оваа област па ме носеше на сите настани и носеше луѓе во Струга токму од оваа бранша и така желбата растеше, а и можноста танцот да стане моја професија.
Play radio: Да се вратиме на годинешниот концерт. Билетите се веќе во предпродажба. Како тече продажбата до сега?
Тања Бах: Билетите се во претпродажба веќе трета недела, иако навиката во Струга е билети да се купуваат пет дена пред концертот. Продадени се 40% од билетите и добивам многу пораки во кои луѓе ми пишуваат да им чувам влезници. Тоа нема да можам да го направам бидејќи бројот на билети е ограничен , капацитетот на салата е 600 седишта и има точно толку билети. Во салата ќе влезат шестотини луѓе за секој да си има свое место, не смееме да ја преполниме салата со повеќе луѓе од седишта. До еден ден пред концерт билетите чинат 150 денари, а на врата 200 денари. Досега не се продавале билети на врата бидејќи секогаш биле прорадени во предпродажба. Апелирам билети да се купуваат до среда, бидејќи сме во период на интензивни проби и најдобро е да се купат билети на време за во периодот кога сме во најголеми гужви да не доааѓат многу луѓе да купуваат билети. Концертот ќе започне во 19:00 часот, ние сме познати по тоа што вратите на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ги отвараме еден час пред почетокот за секој да си влезе уредно и на време, знаете дека почнуваме многу прецизно, во точно 19:00 часот, но, понекогаш се случува да започнеме пет минути порано заради преполна сала. Ексклузивно на Play radio кажувам дека ќе има и пред-журка и журка и после-журка бидејќи со нас ќе се дружат DJ Димитар од Play radio и DJ Face-одлична струшко-охридска коалиција за најдобрата журка.
Извор: Play radio
Strugaonline
Facebook Коментари