Тимот на МакеДокс: Во Струшкиот регион живеат топли и добри луѓе, ќе се здружиме за еко акции и гледање филмови

- Локални
291

Патувачкото кино на МакеДокс- фестивалот за креативен документарен филм пристигна во Струга. Започнувајќи од утре, 12-ти јули, се ќе биде во знакот на седмата уметност, но во склоп на програмата се планирани и еко-акции. Тимот на МакеДокс и годинава ја остварува својата цел правејќи вистинско културно и филмско освежување во руралните средини. Околу планираната програма за оваа година, во студиото на Play radio разговаравме  со  Петра Селишкар- уметнички директор и главен селектор на MaкеДокс и Бранд Феро, креативен продуцент на фестивалот.

Play radio: Од 12-ти до 25-ти јули патувачкото кино ќе посети неколку села во струшкиот регион, која е планиранта програма? Кои се’ филмови ќе има можност публиката да ги проследи?

Бранд Феро: Што се однесува до програмата, најпрво проверуваме што најмногу ги допира луѓето во руралните средини, кои се актуелните теми и проблеми кои ги засегаат. Во зависност од публиката која доаѓа и од средината во која се наоѓаме, на лице место одлучуваме кои филмови ќе ги презентираме.  Програмата исто така ја прилагодуваме на возраста на присутната публика. Годинава одлучивме фокусот да биде на еколошките филмови бидејќи Струга пати од екологија. Решивме да работиме со младите, затоа ќе направиме една еко-акција со чистење на охридското крајбрежје во струшкиот дел. Важно е еколошката свест да ја вкорениме кај најмладите и сите да научиме дека ако ние не ја одржуваме природата, нема ниту таа да не’ одржува нас.

Play radio: Со вашето патувачко кино и планот за еко-акција веќе пристигнавте во Струга, се среќавате и разговарате со луѓето, кои се вашите впечатоци и очекувањата од стружани?

Бранд Феро: Во сите села кои ги посетив за да договорам проекции, запознав фини и топли луѓе. Одлично сме примени. Околу акцијата, се обидовме да обезбедиме минимални средства но не ни успеа. Целта ни беше да ги вклучиме волонтерите од Струга и Охрид и не успеавме да обезбедиме средства ниту за храна. Затоа, одлучивме акцијата да трае два саати дневно. Истата ќе се одвива за време на нашата Школа за документарен филм кога ќе пристигнат дваесеттина деца од цела Македонија, заедно со нив и локалните деца ќе се обидеме да исчистиме дел од крајбрежјето.  Директорот на ЈП „Комунално“ од Струга многу ни помогна, од таму ќе ни дадат се што ни е потребно за акцијата. Во неа ќе се приклучат и кајакарите од Струга, како и Логин со неговата „Пасворд“ продукција и други. Во Радожда веќе се чувствуваме како дома,  таму е нашата школа за документарен филм. Исто така, треба да се спомене дека оваа акција ја покренавме заедно со „ДримОН“ и школата ја правиме заедно со фестивалот.

Play radio: Луѓето во руралните средини често знаат да се пожалат дека културни настани се случуваат најчесто само во Скопје или во поголемите градови, колку реално има интерес во овие средини? Вие како тим имате посетено многу села, какви се вашите искуства?

Петра Селишкар: Малку им е тешко на луѓето да сфатат кои сме ние и што правиме, најчесто им изгледаме како некој патувачки циркуз. Затоа сакаме да поминеме што е можно повеќе време со луѓето во селата. Обично заедно готвиме доколку има услови, пуштаме цртани филмови за деца, целта ни е сите да се здружиме. Сакаме луѓето во селата да уживаат, а ние да научиме нешто од нив. Доаѓаат прво деца, па потоа семејства и повозрасни граѓани. На програмата имаме стари македонски филмови, се случувало во публиката да има луѓе кои во филмовите ги пронашле своите претци и да им биде откриен некој нов свет. Целта на патувачкото кино меѓудругото е и запознавање помеѓу руралното и урбаното население.

Play radio: Во склоп на програмата, фестивалот организира изложби , панел дискусии, музички настапи, школа за креативен филм, притоа време и едукација посветувате на сите генерации. Која е старосната група со најмногу ентузијазам?

Петра Селишкар: Уште од првата година, кога започна МакеДокс, ние работиме со деца од основните и средните училишта. Мислам дека тоа е вистинскиот начин, се покажа низ годиниве наназад дека инвестирањето во младите носи публика , исто така многу волонтери се пријавуваат да работат со нас, а веќе имаме и прва генерација која ги направи своите три први филмови кои се одлични. Годинава продолжуваме со нови идеи. Градиме документаристика која беше добро развиена во 60-те, 70-те и 80-те години во Македонија. Отвараме нови патишта за младите да можат да се изразат.

Бранд Феро:Што се однесува до изразувањето на младите, за време на Школата за документарен филм се остварува еден важен процес во кој учесниците ги рушат стереотипите и допираат до вистински важни и суштински теми. Тоа е навистина голема храборост и успех, минатата година учесниците на школата направија три многу квалитетни филмови и за тоа сме многу среќни.

Play radio: Во периодов кој што следува ќе имате можност да го почувствувате гостопримството по кое е познат нашиот регион. Како Ви се допаѓаат местата кои ги видовте до сега?

Петра Селишкар: Сместени сме во Радожда, и тоа е едно од најубавите села кои сум ги видела во Македонија. Цело село како да живее со нас, тоа навистина е преубаво чувство, инспиирирани сме и од езерските бои, фантанстично е и им се заблагодарувам на сите за топлината и поддршката.

Извор  и фото : Play radio/Strugaonline

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Facebook Коментари