Уметникот Горан Ристовски од Струга со самостојна изложба во Берлин

- Занимливо, Локални
2183

На 31 август во Берлин со почеток во 19:30 ч, во Галеријата Прима центар Берлин, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Горан Ристовски. Делата со кои се претставува го носат насловот „Цврсти лаги“, тоа е серија од црно бели фотографски принтови која произлегува и е инспирација од блиската околина, за објектите и просторите како наши ментални и физички мемории. Ова се визуелни документи, печат, констатирање на овој тип на состојби и естетизирање на процесот на распаѓањето, на заборавеното како човекова постапка кон општеството- објектот како манипулација провлекувана низ времето.

Прима центар Берлин е веќе афирмирана галерија која високо котира на берлинската уметничка сцена, а ваквиот успех беше доволен индикатор за соработка меѓу Прима центар Берлин и Министерството за култура на Република Македонија, која трае веќе девет години. Галеријата Прима центар Берлин е алтернативен простор во кој уметниците имаат можност да ги претстават своите дела пред берлинската јавност. Таа ги поддржува уметниците во секој поглед, од реализација на уметничкиот концепт, па сè до промоција пред професионалната публика и пошироката јавност.

Ристовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје, на отсекот за графика, насока графички дизајн. Има учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и надвор. Неговата уметничка практика се занимава со истражување на различни медиуми и се изразува преку  цртеж, слика, фотографија, инсталација, графика, улична уметност, но најчесто се работи за комбинирање на повеќе медиуми.

Повеќе информации можете да добиете на следниов ЛИНК

Strugaonline

Facebook Коментари