Во 20 век македонци од струшко масовно печалбареле во Србија

- Занимливо, Локални
230

Истражувајќи го минатото на своето родно место Подгорци струшко,  јас како хроничар на животот во овој крај со перо и фотоапаратот,  ви ја раскажувам вистинската приказна за граѓани од моето село кои помеѓу двете светски војни, од 1918 до 1941 година, биле вработени како угостители, келнери, шефови на кујни и млекари. Најмногу од нив (вкупно триесет и тројца) работеле како келнери

Во овој период голем број Македонци од селата Вевчани, Лабуништа, Боровец, но најмногу од Подгорци својата шанса за решевање на егзистенцијалните проблеми ја барале во Белград, Србија. Тие се вработувале во многубројни кафеани во српската метропола .Подоцна,некои од нив, кои биле поамбициозни станувале и сопственици на ресторани или шефови на кујни, а најмногубројни биле оние што заработувале како келенери. Верувале или не,од Подгорци имало ни помалку ни повеќе туку 33 келенери.

Интересен е податокот дека речиси сите келнери живееле во некои од убавите вили на Дедиње, а угостителските објекти каде што работеле, освен оние биле од различен тип: кафеани, млекарници, визби, пивници, барови, хотели, бифеа,-крчми, меани и работнички кујни.Во некои од овие места во периодот меѓу двете светски војни, а и по завршувањето на Втората светска војна се собирале и други Македонци што живееле во Белград, барајќи место каде што ќе позборуваат на мајчин јазик и ќе дознаат нешто за своите дома.

Белградските  кафеани работеле според  веќе воспоставени стандарди,  сите келнери носеле бели кошули и бели работни блузи, молив на увото и парагон – блок за наплаќање, а тие што работеле во кујните имале бели мантили или престилки. Масите биле покриени со чисти чаршафи кои се менувале двапати дневно.

Инаку,најпосетени локали биле кафеаните:„Липов  лад“,„Три шешири“,„Скадарлија“,„Мажестик“, хотелот „Москва“ како и народна гостилница и домашна кујна на Јован Мојсоски. Попладне,кога се затворале дуќаните, многу богати београдски семејства тука доаѓале на вечера, а навечер овие семејни ресторани се претворале во боемски кафеани, каде што се собирале уметниците кои со вино и музика до доцна во ноќта воделе разговори за книжевноста, политиката, уметноста, културата…

Тука доаѓале и уметници од странство. Гостите ги забавувале и познати оркестри,понекогаш  се пркажувале акробатски и балетски точки, а имало и кабаре со раскошна гардероба. Во некои од кафеаните гостите можеле да седат во летните тераси покрај Дунав и Сава и да уживаат во свежиот воздух.

Припадниците на белградската средна класа се собирале во така-наречените крчми, каде што се организирале забави и се свирело на прим.

Посиромашните луѓе и работниците печалбари од нашите краишта во неделите оделе на игранки под  ведро небо со врањска блех-музика.

Исто така, белградските кафеани каде што работеле келнерите од Подгорци почнале да организираат и пречеци на Нова година, што било новина за тоа време. На вечери имало богата програма со лотарии, игранки, шеговити пошти, ревија на убавици и избор на кралица на вечерата.

Најпознати пречеци  и забави се организирале во Офицерскиот дом и биле наменети само за неговите членови кои претставувале елита на Белград

Ова ми го раскажуваше  мојот 98 годишен татко Ламбе, кој подолг период  бил келнер во Официрскиот дом и официрската менза. Денес ,потомците на Македонците од Подгорци и од другите села во струшко ја продолжуваат  традицијата на своите дедовци и татковци.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

Facebook Коментари