За два месеци ќе бидат изработени проектите за санација на чаршиите во Охрид и Струга

- Локални
1081

Пет милиони денари од државниот буџет се издвоени за изработка на проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на чаршиите во Охрид, Струга, Скопје и Битола.

– Проектната документација ќе ја изработи фирмата „Јорд ДООЕЛ“ од Скопје во рок од 60 дена од денот на потпишувањето на договорот. Министерството за економија го склучило договорот на 29-ти ноември, се наведува во податоците објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки. Во тендерската постапка учествувале вкупно 10 компании.

Во претстојните два месеца ќе се работи на решенијата за идниот изглед на излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и идното зеленило на дуќаните од македонските чаршии. Бројот на дуќани што ќе бидат опфатени ќе биде дополнително утврден. Проектната документација ќе се однесува првенствено на оние дуќани со деградирани излози, каде се применети несоодветни ПВЦ и алуминиумски материјали, несоодветни нови дрвени материјали или постојните материјали се дотраени.

Овој проект на Министерството за економија има за цел да го врати изворниот лик на старите градски јадра во Скопје, Битола, Струга и Охрид. Конструкцијата на идните излози во дуќаните би била од масивно дрво, кои ќе се вклопат во целокупниот амбиент на чаршијата. Тендерската постапка за изработка на проектната документација беше објавена кон крајот на октомври годинава.

извор: build.mk

Фото: архива

Facebook Коментари