Гуру Харе: Eден убаво напишан стих знае да ме „нахрани“ и да ме направи среќен

Во емисијата Plaу cafe што се емитува на Play radiо, гостин беше Игор Атанасовски-Харе, музичар, композитор и гитарист кој моментално на домашната сцена е актуелен со неговата музичка соработка со Дани Димитровска која ја донесе песната „Некаде“ и истата стана голем летен хит. Харе подготвува албум со негови авторски песни напишани во различни периоди од неговиот живот и кариера и внимателно бира изведувачи кои неговите дела ќе ги донесат на сцена и ќе ги доближат до публиката на најдобар можен начин. Од албумот во подготовка, до сега се промовирани „Староста доаѓа“ со Игор Џамбазов, „Ти си таа што ми треба“ со Нокаут,  „Мајко“ со Аки Ракимовски и „Љубов“ со Тамара Тодевска  . Во разговорот во живо, Харе ни го откри следниот изведувач кој ќе ја отпее следната песна од албумот, зборуваше за се она што го инспирира да создава, а покрај музиката, тој има уште една љубов –  тоа се книгите.

Play radio: Промоцијата на албумот е се’ уште во најава, кога истиот ќе биде сосема готов? Можеме ли да откриеме кој е следниот изведувач кој ќе изведе Ваша песна?

Гуру Харе: Некако спонтано се случува новитетите да ги презентирам прво пред моите пријатели во Струга. Вчера, во друштво на мојот пријател Тоше Танески како да имав предпремиера. До сега имам промовирано пет песни, еве ќе ви откирајм дека следната песна се вика „Денес посакав да пеам“ и ја снимив заедно со нашиот легендарен Мики Јовановски-Џафер. Излезе една потемпераментна песна со рок-призвук која одлично му лежи. Моите пријатели во Струга имаа одлчина реакција кога ја слушнаа, така што имаме уште една добра песна за албумот.

Play radio: Многу внимателно бирате изведувачи за Вашите авторски песни, а творите долго време, сигурно на албумот е планирано да има повеќе песни, но дали ќе успеете да најдете доволно вокали кои сметате дека ќе ги донесат песните на најемотивен и најквалитетен начин?

Гуру Харе: Токму во тоа што го споменавте е проблемот. Кај мене нема проблем кога е во прашање креативноста, понекогаш не знам од каде ми доаѓаат тие песни и тие емоции во мене, но не е важно од каде доаѓаат, важно е дека ги има. Проблем ми е да најдам адекватен изведувач , еве на пример со Аки ни беа потребни само десет минути да поразговараме за одлично да се разбереме која е емоцијата и пораката на таа песна. Таквите моменти се пресудни за тоа колку една песна ќе живее. Пејачот треба да ја почувствува песната како своја. Тоа е критериумот преку кој се прави разлика, веднаш публиката чувствува дали некоја песна е правена наменски за да биде популарна или е направена со многу емоции и без оптеретување за популарност и привлекување на „широки народни маси“. Песните кои се правени за голема популарност за мене се како бижутерија.

Play radio: Како е можно да Ви бидат одлични и побрзите авторски песни и баладите? Ако заклучам дека „Мајко“ со Аки Ракимовски е пресилна , речиси совршена балада, истото може да се каже и за „Некаде“ со Дани ама во една поинаква, игрива, поенергична музичка  креативност?

Гуру Харе: Тоа е така затоа што се создавани во различни периоди. „Мајко“ е десет години стара песна, се подготвуваше долго, прво беше само инструментална мелодија без текст. Воопшто не беше планирана за некој да ја пее и можеби токму во тоа е тајната, тоа се „одлежани“ песни. Инаку, ниту јас не можам емотивно да „шетам“ од „Мајко“ до „Некаде“. Имам одблесоци, создавам и од меланхолија, но и од ведрина. Дани на пример како изведувач носи ведрина па така падна изборот на нејзиниот вокал и темперамент да ја испее „Некаде“.

Play radio: Како се менува инспирацијата низ годините? Од меланхолија кон ведрина или обратно? Што точно носи созревањето и искуството?

Гуру Харе: Времето менува многу. Кога почнував научив да свирам гитара доволно за да можам да се изразам. Сфатив колку е голема работа да напишеш песна. Залудно е да си добар гитарист ако немаш убава песна. Полека почнав да си ги проширувам интересирањата, бидејќи и како човек сум многу љубопитен, ме заинтригирале многу жанрови во сите овие години. Кога станува збор за возраста, порано како да се срамев да ги покажам своите чувства, со текот на годините станував храбар, па така успеав да ја „извадам од себе“ „Мајко“. Така сфатив колку е прекрасно човек да ги покаже своите емоции, колку е убаво да пуштиш луѓето спонтано да си реагираат. Тоа е некоја лична борба која во мене се водела. Потоа постепено се вљубив во нашиот јазик, порано ми беше поважна музиката, сега ми е многу важен зборот. Еден стих што сум го напишал умее да ме нахрани и да ме направи многу среќен . Во овој период  го слушам Саривески и сфаќам колку се тоа големи дела. Јас сега пливам обратно од се што сега се смета дека е „тренд“, се борам да оставам нешто вредно, ако не за овие, тогаш за некои следни генерации.

Play radio: Споменавте дека Струга за Вас е град во кој се чувствувате како да сте дома. Мирот надвор од скопските гужви и Струга сама по себе знае ли да биде добра инспирација за музика?

Гуру Харе: Дефинитивно. Струга има некоја посебна благост, тоа е посебна древност. Сите вие стружани имате некоја питомост, се чувствувам добродојден. Овде и кога ќе отидам на плажа, луѓето се многу топли кога ми се обраќаат, го сакам и тој ваш дијалект.

Play radio: Освен што сте со огромна љубов посветен на музиката, сакате да читате книги, не електронски, туку во онаа стара, уметничка форма. Што читате овој период?

Гуру Харе: Последно ја читав автобиографијата на Боб Дилан и во вистинска смисла на зборот уживав, а сега по којзнае кој пат си го препрочитувам Буковски, за мене еден од најомилените поети и писатели. Мојата желба за читање е стекната благодарение на мајка ми. Мајка ми е професор по славистика. На седум годишна возраст напамет го рецитирав Коста Солев Рацин и бев атракција.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари