Игор Атанасовски-Харе на Play radio: Песните се моја скапоценост, музиката е мојот живот и мојата љубов

Во денешното издание на емисијата „Play cafe“ на Play radio, разговаравме со Игор Атанасовски-Харе. Музичар, композитор, гитарист кој создава ремек-дела. Слушателите на Play radio ги поздрави топло и искрено посебно затоа што вели дека во Струга кога и да дојде, се чувствува како дома. Разговаравме за чувствата кои ги преточува во ноти и текстови, а ги допираат срцата на одбрани, вистински почитувачи на музичката уметност во нејзината најдлабока смисла на зборот.

Play radio: Повод за разговор со Вас има секогаш, но овој пат тоа е Вашата најнова песна во соработка со Аки Ракимовски, една многу емотивна приказна насловена како „Мајко“ . Текстот и музиката се Ваши. Кажете ми, што Ве инспирираше за едно толку нежно , а силно и помалку тажно музичко парче?

Гуру Харе: Ако кажам дека ме инспирираше мајка ми, можеби ќе се пошегувам, а можеби и не. Кога ќе ја слушнете песната можеби и нема потреба од објаснување, секој емотивно ја доживува. Секој се поврзува индивидуално со она што во себе како асоцијација го носи за „Мајко“. Оваа песна во мене се подготвуваше и се раѓаше долго време и си го најде вистинскиот глас кој ја донесе, тоа е Аки Ракимовски и мислам дека никој не можеше поубаво да ја испее и да ја доближи до слушателите.

Play radio: Кога пишувате музика и текст за песна,  дали веќе знаете кој пејач ќе ја испее или откако ќе ја создадате одлучувате кој најдобро ќе ја донесе?  Како падна изброт на Аки?

Гуру Харе: Ќе почнам малку од порано, првиот мој албум го пеам сам, меѓутоа, за вториот албум напишав песни кои бараа различни вокали. Се трудев за секоја од песните, според сензибилитетот и чувството што го носи да си го најде вистинскиот глас. Прво ја снимив „Староста доаѓа“ со Игор Џамбазов, потоа следеше „Ти си таа што ми треба“ со Нокаут, па следуваше „Љубов“ со Тамата Тодевска и сега „Мајко“ со Аки Ракимовски. Прво ги пишувам песните, а потоа правам „кастинг“ за тоа кој најубаво би ја донел песната.

Play radio: Ако се вратиме на почетокот на годинава, ќе се сетиме дека исто ваше авторско дело е прекрасната „Љубов“ на Тамара.  Живееме во за жал не толку „љубовно време“ , некако се поместија вредностите, а Вие во три минути ја опишавте цела суштина на љубовта. Каква е таа комбинација што постои кај Вас, изгледате како ведар лик во кој има бура од емоции и многу нежни зборови и ноти, таков сте од секогаш или тој музичко емотивен израз се градеше низ годините?

Гуру Харе: Би рекол дека се градеше низ годините, пред десеттина, петнаесет години имаше повеќе револт и гнев во мене па следствено на тоа текстовите и темите кои ги обработував беа поинакви. Овој пат решив да си ја отворам душата и да ги покажам своите емоции. Токму од тие причини го правам албумот со различни пејачи, јас како вокалист не сум соодветен за да ги испеам овие ремек дела како што се на пример „Љубов“ и „Мајко“. За тоа треба вокалисти како Тамара и Аки кои воодушевуваат со своите гласови.

Play radio: Вие не сте комерцијален музички лик , немате ништо напишано и изведено „ради-реда“, се е суптилно, квалитетно, посебно. Сметате ли дека во земјава сте почитувани доволно и сразмерно на Вашиот квалитет, или можеби имало моменти кога сте се прашувале дали сте на вистинското место?

Гуру Харе: Тоа е многу убаво и интригантно прашање. Инаку, никогаш не сум создал песна наменски „по нарачка“, не би можел и не би умеел така. За мене песните се скапоцени, тоа е мојот живот, највредното што го давам од себе. Песните ги создавам и промовирам внимателно, популарен не можам да бидам бидејќи сега се слуша сосема друга музика. Моето музичко творење на луѓето им се чини предлабоко и пречувствително, но задоволен сум, имам голема слушачка публика. Токму таа публика ми потврдува дека сум на вистинскиот пат, кај мене нема сомнеж дека ја правам вистинската работа. Немам друг избор и не сакам ништо друго, тоа сум јас, тоа е мојот живот. Мислам дека сум доволно почитуван од колегите, соработниците, а и медиумите ми отстапуваат се’ повеќе простор.

Play radio: Харе, како е единаесет години без Тоше  за Вас лично?

Гуру Харе: Допирате во еден дел од срцето коj го затворив за засекогаш да си го зачувам Тоше. За публиката Тоше беше идол, а за мене другарче, член на бендот. Огромна, лична загуба е за мене што веќе не е меѓу нас. Понекогаш кога ќе напишам песна сама доаѓа мислата „Ех да беше Тошка сега тука и да отпее.“ Во тие мигови најсилно ја чувствувам загубата. Тоа е од професионален аспект, а за приватно, сум кажал многу пати дека беше една прекрасна личност и ми недостасува во секој можен поглед. Некои случки со Тоше беа такви што кога се сеќавам ми изгледаат како нереални, како да се случиле во некој друг живот. Се работи за силни емоции, јас го направив неговиот прв состав уште од самите почетоци. Чувства кои никако не се опишуваат со зборови.

Play radio: Да позборуваме за новиот албум што го подготвувате. Создадена ли е песната која сосема Ве дефинира и е траен печат на вашата кариера или допрва следува?

Гуру Харе: Не сакам да звучи нескромно, но ова е периодот кога како автор се чувствувам и сум во полна кондиција. Албумот што сега го реализирам и го најавувам веќе ми е напишан. Песните се кај мене во глава и ги свирам на гитара, но многу внимателно ги бирам пејачите бидејќи пејачот треба на вистински начин да се поврзе со песната и да го добиеме тоа што го добивме од Аки, Тамара и Игор. Не би сакал многу да откривам, имам уште две готови песни со наши, македонски  изведувачи но ќе бидам умен и нема да откривам. Инаку, досега песна која е автобиографска, лична и песна која ме дефинира е песната „Пријател“ од првиот албум.

На крај на ова интервју би сакал да Ви се заблагодарам и на Вас што негувате и промовирате убава и квалитетна македонска музика. Наскоро планирам да ја посетам Струга, во контакт сум со мојот пријател Тоше Танески и можете да ме очекувате во вашата убава Струга.

Извор: Play radio

Strugaonline

фото: Игор Атанасовски- Харе FB

 

Facebook Коментари