Пет розови фламинга во посета на Преспанското Езеро

Викендов пет розови фламинга се во посета на Преспанското Езеро. Птиците беа забележани во Езерани каде нискиот водостој им овозможува соодветни услови за одмор за време на миграцијата. Фламингата не гнездат во Македонија но досега се забележуваат повеќе пати на прелет. Прв податок за нивно присуство кај нас е од 90те исто така во Езерани. Овој пат беше забележена една возрасна единка и 4 млади. Бидејќи птиците гнездат во Грција, Албанија и Црна Гора не можеме да заклучиме каде ќе се упатат по престојот во Преспа.

“Добрата состојба на влажните живеалишта како и широките појаси на трска овозможува птиците да не бидат вознемирувани и безбедно да одмораат и да се хранат. Затоа секогаш е возбудливо да се истражува Езерани за време на миграција“ – изјави Данка Узунова, орнитолог од Македонско еколошко друштво.

Покрај розовите фламинга беа забележани јата на бојници, долгоног пескар и сабјарки.

Ниту еден вид од овие птици не гнезди кај нас, сите се тука поради миграцијата која се случува со полна пареа. Особено е интересно присуството на сабјарки бидејќи тие во Македонија досега се видени само десетина пати.

Ваквите слики не охрабруваат дека напорната работа за зачувување на Езерани има позитивни резултати. Езерани е заштитено подрачје повеќе од 20 години и со него управува Општина Ресен која има и посебна ренџерска служба за овој локалитет.

Strugaonline

 

Facebook Коментари