Пилот мерка во ревидинираниот ОП 2017: Поддршка за создавање на нови работни места во граѓанските организации

- Македонија
807

 Министерката  за труд и социјална политика Мила Царовска, постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон и директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска ја промовираа активната мерка за отворање на нови работни места во граѓанските организации, како дел од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.

Во рамките на оваа програма проектирани се 50 нови работни места, а Владата на Република Македонија од буџетот за неа  одвои 6.452.500 денари.

,,За првпат се зборува за инвестирање од страна на Владата во оперативна мерка која што ќе генерира нови работни места во граѓанскиот сектор. Но, важно е тоа да го поврземе со социјалниот систем. Оваа мерка ќе помогне да се создадат услови за развој на социјалните услуги на локално ниво и ќе се помогне социјалното претприемништво’’, рече во своето обраќање министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации Луиза Винтон подвлече дека:

,,Со оваа програма се реализираат две многу важни развојни цели: обезбедување на квалитетни работни места и достојна работа и поддршка на невладиниот сектор. Затоа го охрабруваме невладиниот сектор да се вклучи во активен дијалог, се со цел креирање најсоодветна мерка за поддршка за отворање на нови работни места”.

Право на аплицирање имаат работодавачите од граѓанските организации кои сакаат да ја прошират и да ја развијат својата организација со отворање на нови работни места.

Критерумите се избор на невладини организации се: да бидат најмалку 1 година регистрирани, да имаат најмалку 1 вработен, да имаат евидентирано економска активност во 2016 година, и да имаат регистрирано седиште во Република Македонија.

Акцент со мерките е ставен на зголемување на вработливоста на младите лица до 29 години, па така поддршката за вработување на лице над 29 години изнесува 92.000 денари, а за лица под 29 години 153.750 денари.

Средствата може да се искористат за набавка на репроматеријали или опрема поврзани со дејноста на организацијата.

,,Најдоцна до овој викенд  ќе биде објавен јавниот повик и ќе може да се аплицира во сите 30 центри за вработување. Програмата ќе се реализира во наредните два месца и ќе претставува искуство за креирање мерки и политики во 2018 година’’, информираше директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска.

Работодавачот ќе има обврска лицата вработени преку оваа мерка да ги задржи најмалку една години во работен однос, без да го намали бројот на вработените.

Извор: МТСП

Strugaonline

Facebook Коментари