РСБСП со кампања „НЕ – за мобилен телефон зад воланот! Без изговори, без оправдувања“

- Македонија
679

„НЕ – за мобилен телефон зад воланот! Без изговори, без оправдувања“ е новата кампања на РСБСП со цел безбедно возење.

Во сообраќајот, како причина за одвлеченото внимание на возачот, мобилниот телефон се јавува во 20 до 25% од сите сообраќајни незгоди. Со развојот на технологијата, во наредните години, се очекува овој проблем дополнително да се влошува.

Одвлеченото внимание е причина за многу пролеани солзи и многу крв на патиштата, за голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, за многу тажни животни приказни испишани на патиштата и на улиците, за тажни човечки судбини. Треба да се замислиме: вреди ли?

И покрај црната статистика, на светско ниво, 45% од возачите го користат мобилниот телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП, во Република Македонија, 63% од возачите користеле мобилен телефон додека возат.

Универзитетска студија во САД, проценува дека употребата на мобилни телефони за време на возењето, резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а пак истражувањата на СЗО, покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за 4 до 9 пати.

Се поставуваат прашањата: Колку важен разговор не може да „почека“ да застанете на првото безбедно место на кое може да се запре возилото и да разговарате? Дали бегајќи од метежот, гужвата и опкружувањето со секакви луѓе, свесно ги оставате телефонските разговори за моментите кога ќе бидете сами зад воланот?

Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возач кој зборува или пишува на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или со регистрирање 25 негативни бода во возачката книшка. Но, и покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат возило и на тој начин го прекршуваат Законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.

РСБСП апелира: Кога возите оставете го мобилниот телефон настрана. Без изговори и без оправдувања. Животот и здравјето, но и безбедноста – нека ви бидат секогаш на прво место.

Извор и фото: РСБСП

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари