Славе Ѓорѓо Димоски е првиот добитник на наградата „Антево перо“

- Македонија
771
Наградата „Антево перо“, во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, за 2018 година ја доби авторот Славе Ѓорѓо Димоски за необјавената стихозбирка „Кумова слама“. Со тоа, Славе Ѓорѓо Димоски станува прв добитник на оваа нововостановена награда.
Комисијата, во име на естетиката и почит кон највисоките поетски вредности на современата македонска поезија, а заради стимулирање на најдобрите пријавени автори на Конкурсот, реши годинава по исклучок (кој може натаму да стане и правило), да ги прогласи Михаил Свидерски и Марина Мијаковска за поети – придружници на наградениот поет, и да ги повика како почесни гости на Манифестацијата, за што ќе им биде врачено и соодветно признание, симболички поврзано со ликот и поетското дело на Анте Поповски.
Стихозбирката „Кумова слама“ на Славе Ѓорѓо Димоски се издвои од сите пристигнати ракописи како најзрело поетско писмо, во дослух и со поезијата на Анте Поповски, но и со највисоките достигнувања на современата европска и светска поезија. На ист начин, стихозбирките на Михаил Свидерски и Марина Мијаковска се издвоија по однос на сета пристигната поетска продукција на конкурсот како целосно јасна најава на автори чија поетска магистрала во македонската поезија е веќе темелно трасирана и целосно профилирана како индивидуална и препознатлива.
Стихозбирката „Кумова слама“ на Славе Ѓорѓо Димоски претставува сјајно дело на македонската поезија. Во оваа стихозбирка, на еден современ поетски начин се тематизира не само онтолосот на поезијата, не само нејзината смисла, туку и нејзиното родно место во јазичното битие на онаа мрежа знаци што се пресекуваат на едно место, а кое го викаме поет. Уште повеќе, во оваа стихозбирка се тематизира и смислата и богатството на севкупната македонска поетска традиција, во која името на Анте Поповски е темелен и жив кардиограм, врвна изохипса без која поетската мапа на Македонија не би била – планинска мапа, односно мапа на тешко достижни врвови. Во „Кумова слама“ Димоски покажува дека врвното начело на поезијата е да молчи додека пее; да поставува прашања наместо да дава одговори; да овозможи да ја слушнеме тишината како најсовршена хармонија, додека го слушаме срцебиењето на стихот. Евидентно е дека со сите овие поетски особености, оваа поезија навистина се однесува како поетски изотоп на поезијата на Анте Поповски, како нејзино продолжение (иако со поинаков поетски рефлекс и субјетивитет), како нејзин фрактал, и како нејзино продолжено светлинско траење, како што и Кумовата слама е само навидум посебен дел од континумот наречен вселена или светлина. Дел од вечноста, ако вечноста воопшто може да има делови.“ – стои во одлуката донесена од стручното жири
Strugaonline
фото: архива

Facebook Коментари