Во петок започнува 30-тата Поетска ноќ во Велестово

- Македонија
776

Јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово ќе со одржи на 20-ти и 21-ви јули на локации во Велестово и Охрид.

Настанот ќе започне на 20-ти јули (петок) пред чешмата во Велестово во 21 часот. Оваа година Поетската ноќ во Велестово ќе биде посветена на најновата македонска поезија, а на вечерната програма, која ќе ја отвори Горан Папаз со саксофон, ќе настапат шест поети:
Јовица Ивановски
Тихомир Јанчовски
Елизабета Баковска
Николина Андова Шопова
Ѓоко Здравески
Исток Улчар

Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложба „15 години – Арт Поинт – Гумно“ со дела инспирирани од доживувањата на руралните простори на горен Демир Хисар од уметниците од светот.

Во сабота, на 21 јули од 21 часот, предвидено е гостување на поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“ во кафе бар Шила, во Охрид.

Но пред тоа, истата вечер, во рамки на манифестацијата, а во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе се претстави романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Настанот ќе се одржи 21 јули (сабота) во просториите на МАНУ (куќа „Уранија“), Охрид со почеток во 20 часот.

Во рамки на јубилејот, во соработка со ПНВ Публикации, ќе биде издадена книгата „Гласови на новиот век – панорама на поновата македонска поезија“, во која се застапени 32 современи македонски поети, како и јубилејното гласило на манифестацијата, а во подготовка е и монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец.

„Ве покануваме во магичното Велестово, во петок, на 20-ти јули од 21 часот, заедно да уживаме во поезијата читана на чешма, на средсело, меѓу две неба, како што за Велестово и оваа манифестација запишал Богумил Ѓузел и да го прославиме заедно ова триесетгодишно чествување не само на поезијата, туку на уметноста, воопшто.“ – велат организаторите.

Како Off програма, во недела, на 22-ри јули од 19 часот, во Велестово ќе биде промовиран и препевот на Тихомир Јанчовски на книгата „Два света“ од Руми. Со што јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово ќе заврши.

Strugaonline

 

Facebook Коментари