Заев :Од 1 јануари шест милиони евра во поддршка за развојот на спортот во Македонија

- Македонија, Спорт
898

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на Форумот на спортски новинари од Југоисточна Европа, кој од вчера започна во Охрид.

Во своето обраќање, премиерот Заев посебно  ја нагласи посветеноста на оваа влада во развојот и поддршката на спортот, издвојувајќи ги како најзначителни проекти ваучерскиот систем за развој на спортот и изградбата на Дом на спортовите, кој ќе обезбеди услови за непречено функционирање на сите Национални спортски федерации.

„Владата е силен поддржувач на спортот и ќе продолжиме и понатаму со сите политики на поддршка на спортот. Новините кои што ги разработуваме и кои треба да отпочнат да се применуваат од јануари 2019 година, е воведување на таканаречените спортски ваучери, каде што дополнително 6 милиони евра ќе вбризгаме, за поддршка на севкупниот спорт во Република Македонија.“ – истакна Заев

Тој додаде дека во новиот буџет за 2019 година се предвидени првите финансиски средства за изградба на Дом на спортовите, каде што ќе бидат вдомени сите спортски федерации.

Локацијата е обезбедена, со проект од дваипол милиони евра, финансиран директно од буџетски средства, секако потпомогнат и од Олимпискиот Комитет.

Премиерот додаде дека Агенцијата за млади и спорт, продолжува и понатаму со сериозна поддршка во севкупниот спорт во Република Македонија, поради тоа што заедно веруваат дека ако спортот оди напред, тоа е доказ за растот и развојот на државата.

„Јас, како политичар, имам работа повеќе со политичките новинари, но она што морам да го кажам, е дека, ако ние сите, навистина професионално си ја извршуваме својата дејност, амбиентот и во Југоисточна Европа, и во нашите земји, ќе биде подобар, помотивирачки, подостоинствен, за севкупно живеење. “ – рече Заев во своето обраќање.

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари