Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународен ден на човековите права

- Македонија, Свет
208

Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание на ОН е усвоена Универзалната декларација за човекови права.

Декларацијата е создадена во периодот по Втората светска војна и означува прво глобално изразување на основни права на сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена кои се вклучени во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони, а во неа се вградени Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два факултативни протоколи.

Во 1966 година донесени се два детални пакта од Генералното собрание, кои ја комплетираат Меѓународната повелба за човекови права во 1976 година, со што Повелбата станува меѓународен закон, а денот на донесувањето на Декларацијата се воспоставува како ден со кој ќе се одбележуваат човековите права на глобално ниво затоа што, како што промулгира Декларацијата, „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“

Фундаменталните постулати врз кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и правата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место.

„На прагот сме на голем настан и за Обединетите нации и за човештвото. Оваа Универзална декларација би можела да стане меѓународна магна карта за сите луѓе во светот“, истакна пред гласањето на Декларацијата Елеонор Рузвелт, која раководеше со комисијата одговорна за пишувањето на Декларацијата.

Меѓу другото, во Декларацијата се пропишува дека секој има право на правата и слободите објавени во неа, без разлика на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, религијата, политичкото или друг вид на убедување, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друго.

Секој има право на живот, слобода и сигурност на личноста и сите луѓе се исти пред законот и имаат право на еднаква законска заштита. Сите имаат право на еднаква заштита од секаков вид дискриминација што ја повредува оваа декларација и од секакво поттикнување таков вид дискриминација.

Секој кој е обвинет за казниво дејствување има право да важи за невин сè додека неговата вина не биде докажана во јавна постапка во согласност со законот, при што ги добива сите гаранции нужни за неговата одбрана.

Facebook Коментари