ПОЧНУВА ЈУБИЛЕЈНИОТ 20-ти ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ!

- Забава
32

Утре (четврток, 29-ти ноември) во Скопје почнува 20-тото издание на најголемиот урбан зимски фестивал во југоисточна Европа, македонскиот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ чија програма ќе се одржува сѐ до 8-ми декември! Во програмата за јубилејното издание, ТАКСИРАТ во претстојните денови пред својата публика ќе претстави повеќе од 50 музички концерти, а во рамки на првиот од низата настани, на ПИН конференцијата, Скопје ќе биде домаќин и на повеќе од 100 странски делегати, значајни имиња и експерти од европската музичка индустрија!

Почетокот на програма е токму со меѓународната ПИН конференција која по петти пат го претвора Скопје во центар за средба на професионалците од регионалната и европската музичка индустрија, а која годинава од 29-ти ноември до 1-ви декември ќе се одржува во Младинскиот Културен Центар. Првиот ден на конференцијата е резервиран за македонскиот панел „Љубов ли е ова или панаѓур?“ посветен на најгорливите теми за културната сцена кај нас и на со кој ќе имаме ретка можност за дебата помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата.

Вечерта, на 29-ти ноември во „Дансинг сала“ во МКЦ е и официјалното отворање на Таксират со концерт на Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ, сејугословенската легенда од „Забрањено Пушење“ и „Топ листа надреалиста“, кој се враќа во нему блискиот град Скопје со концертен настап по повеќе од 20 години.

Повеќе од 25 концерти на ПИН со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ!
Во наредните денови, во петок и сабота на ПИН конференцијата, покрај огромниот број на странски гости и панел-дискусиите кои ќе се одржуваат преку ден, во вечерните часови македонската публика ќе има навистина ретка прилика да погледне повеќе од 25 концертни настапи на селектирани, квалитетни изведувачи и тоа со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите. Покрај докажаните македонски имиња (ГОРАН ТРАЈКОСКИ, СТРИНГ ФОРСЕС, ЕГОРИТМИЈА, ДУПЕР, ПЛУТОС ДАУТС, СПИРИТ АРХИТЕКТ, МОДУАЛ и МИКРОМОМЕНТ), на ПИН ќе ги погледнеме и концертите на исклучително квалитетни и значајни претставници на новата музичка сцена од Турција, Чешка, Словачка, Словенија, Германија, Франција, Австрија, Србија, Хрватска, Полска, Унгарија, Бугарија и Литванија, а обемната програма за овој викенд на Таксират ќе ја најдете на овој линк.

По ПИН, Таксират продолжува и наредниот ден со првиот самостоем и веќе целосно распродаден концерт на СТРАЈК на 2-ри декември. Одамна распродаден е и настапот на РАМБО АМАДЕУС, еден од најавтентичните автори во регионов кој конечно кај нас ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“ кој ќе се одржи на 3-ти декември, па Рамбо ќе има и втор настап следниот ден, на 4-ти декември кој исто така е пред распродавање.
Истиот ден, во вторник (4-ти декември) во „Дансинг Сала“ во МКЦ ќе се одржи и концертот на AT THE GATES, ѕвездите од светската метал сцена и едни од предводниците на Gothenburg melodic death звукот, на чиј концерт како гости ќе настапат HARDFACED и HERESY.

На 6-ти декември, публиката во МКЦ ќе има чест да биде дел и од самостојниот концерт на КИБОРГ, култното име на македонската музичка сцена кое важи и за првиот индустријал бенд во Македонија. По 20 години пауза КИБОРГ сега се повторно во атак со нивниот моќен аудио-визуелен концепт на извонреден сајбер-панк звук!

Последниот ден од програмата во МКЦ, 7-ми декември е резервиран за ЛУЗЕР ФЕСТ кој веќе ги избра и финалистите за годинашното издание, младите бендови Halfgod од Кичево, Reinconnected од Охрид, Дактили од Струмица и скопските Fiction, Thyme и Iyah. Како специјални гости со настап за промоција на нивниот албум-првенец ќе ги погледнеме и ланските победници Conspiracy!

На 8-ми декември, во сабота ТАКСИРАТ се сели за својата финална завшница на нова локација, во скопската Арена „Борис Трајковски“ каде што ќе се одржува главната вечер на Фестивалот со повеќе од 10 врвни музички ѕвезди кои ќе настапат во иста вечер на три различни бини во Арената. Меѓу предводниците на главната вечер се светските музички ѕвезди и легендарни имиња кои за прв пат ќе настапат во Македонија како PENDULUM, MANDO DIAO, RAHZEL и The X-Ecutioners, а покрај нив и изведувачите кои македонската публика веќе ги препознава по фантастични настапи, како NOUVELLE VAGUE, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, THERAPY? и од македонската музичка сцена SMUT, SAF Sound System, TRAP DA FUCK UP и Културно Уметнички Работници.

Билетите за сите настани од програмата на јубилејниот ТАКСИРАТ се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс, а сите детали за програмата ќе ги најдете на официјалната страница www.taksirat.mk .

20 години ТАКСИРАТ во Македонија и крајно време е, ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!

Facebook Коментари