Светските ѕвезди ПЕНДУЛУМ и балканските херои ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ доаѓаат во Скопје

- Забава
913

Легендарниот австралиски drum’n’bass феномен PENDULUM кој стои зад химните на овој жанр како „Tarantula“, „Blood Sugar“ и многу други, пристигнува во Скопје! Pendulum на 8-ми декември во арена „Борис Трајковски“, ќе настапат со својот фуриозен диџеј-сет за конечно да и покажат и на македонската публика зошто во овој формат тие важат за неприкосновеното дуо во светот на drum’n’bass културата!

Електронските воини Pendulum го освоија светот проширувајќи ги границите на музичките жанрови, од драм’ен’бејс преку моќен хаус до електро-рок! Членовите на бендот кој е оформен во 2002 година, во 2013-та го најавија повлекувањето на Pendulum од live настапите, за да се посветат на новите проекти меѓу кои е и познатиот Knife Party, но константните барања за повторно активирање од страна на армијата фанови низ цел свет, резултираа со come-back турнејата во 2016-та и новиот албум чие снимање го најавија лани! На Таксират тие доаѓаат во фуриозниот DJ формат, нивното идеално издание за најенергичните фестивалски журки, бидејќи единствено така може да се доживее вистинската енергија со која тие веќе со години владеат на најголемите светски фестивали, а која најчесто се споредува со атмосферата на експлозивните настапи на The Prodigy. Оттаму, не е ни чудо што токму овој австралиски изведувач го потпишува најпознатиот ремикс на Prodigy, оној за „Voodoo People“ од 2005-та година!

И тоа не е сѐ! Јубилејната 20-ка на Таксират не смее да помине без едни од најверните другари на Фестивалот собрани во дефинитивно најпопуларниот балкански бенд, кој е комплетно менаџиран од Password Production: DUBIOZA KOLEKTIV!

Легендата на светската музичка сцена Ману Чао за нив вели дека се најдобриот европски бенд, а денеска тие важат за светски најпрепознатливиот изведувачи од нашите простори. Со проникливите текстови спакувани во музичка мешавина од хип хоп, реге, даб и рок звук, повеќе од било кој друг бенд од регионот успеаја да ја освојат светската публика. Репутацијата на општествено ангажирани лиричари завиени во интересните и „заразни“ музички композиции, со апсолутен успех ја продолжуваат во секое ново издание, а се чини дека и во нивната продуктивност ретко кој друг балкански бенд би можел да им парира. Со милионски прегледувања на „Јутјуб“ каналот, постојано интензивни и распродадени турнеи низ целиот свет и признание за Бр. 1 бенд од страна на најголемите европски фестивали на престижниот „Eurosonic“, повеќе од јасно е дека Дубиоза се во врвот на својата кариера, а од меѓународниот подем со право како домашни херои, на 8-ми декември ги пречекуваме во нивниот природен хабитат, на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ!

Покрај PENDULUM и ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, во листата изведувачи за главната вечер на ТАКСИРАТ #20 веќе се запишаа и MANDO DIAO, NOUVELLE VAGUE, THERAPY?, SMUT, RAHZEL и TRAP DA FUCK UP! Програмата наскоро носи уште изненадувања, но веќе се намалува бројот на билетите со првата, најповолна цена од само 500 денари, за кои посетителите треба да побрзаат на сите благајни на МкТикетс или онлајн.
КОНЕЧНО: СТРАЈК за прв пат со самостоен концерт!

Сурово искрен е првокласниот андерграунд хип-хоп, а кај нас таму со посебен респект и моќен израз, сурово искрено твори еден и единствен СТРАЈК – врвниот уметник на македонскиот хип-хоп, кој во рамки на програмата на Таксират Фестивал, оваа зима ќе го одржи својот прв самостоен концерт! Бројните фанови и почитувачи на делото на СТРАЈК, конечно ќе имаат прилика да уживаат во концертната вечер посветена на неговите остварувања, која ќе се одржи на 2-ри декември во Младински Културен Центар во Скопје.

Страјк започнува со снимање во 97-ма година како еден од основачите на Легијата, и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс”, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz”. Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за “Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност”. Нивниот албум „Не Заборавај“ беше издаден во јули 2007-ма. Во 2002-ра тој настапува како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следната година започнува активна соработка со Диџеј ГОЦЕ (С.А.Ф). Неговиот први соло студиски албум „Кутија“ доби позитивни оценки од музичката критика и хип-хоп публиката воопшто, а во 2015-та го продолжи овој успех и со вториот албум „Земен Рај“ продуциран од Диџеј Гоце, како и со бројните соработки со артисти од Легијата.

Билетите за концертот на СТРАЈК се веќе достапни во продажба со цена од 300 денари во продажната мрежа на МкТикетс.

Strugaonline

Facebook Коментари