Вардар ја оствари 13-та победа во СЕХА лигата

- Спорт
835

Вардар ја оствари и 13 победа по ред во СЕХА Газпром лигата, славејќи со 42-32 (20-17) против фенерџијата Динамо Панчево и поставувајќи нов клупски рекорд. „Црвено-црните” остануваат единствен тим во регионалното натпреварување со максимален учинок по седум одиграни натпревари.

На овој натпревар Вардар играше  без неколку стандардни играчи, како Абутовиќ, Штербик, Борозан и Циндриќ. Нивното отсуство не се одрази зашто Вардар беше фаворит а ова требаше да биде само загревање за претстојниот меч во сабота од лигата на шампионите против Рајн Некар. Долга е клупата на Вардар, и од самиот почеток шанса за играње доби Владо Недановски, а потоа и Јања Војводиќ.

Иако Вардар беше фаворит,  гостите играа без притисок знаејќи дека нема што да загубат, па затоа и од самиот почеток покажаа дека ќе сторат сѐ за да се покажат во одлично светло, па дури и ако може да освојат бодови. Имаа и водство 2-4, и неколкупати предност од еден гол покажувајќи дека аутсајдерите никогаш не треба да се потценуваат. Сепак разликата беше очигледна и прашање на време беше само кога резултатот ќе се „сврти” и ќе биде во корист на „црвено-црните”.

Во 18-та минута од натпреварот беше 11:9 за Вардар.

Во 21 минута нашите ракометари имаа  и „плус 3″ за водство 13-10 како најава за превземање на иницијативата, темпото на игра и резултатската предност. Разликата полека се правеше, но Динамо на секоја  грешка возвраќаше  со гол одржувајќи неизвесност, онолку колку што можеше. На крајот од првото полувреме имавме предност од „плус 3″ за водство 20-17.

Гостите се „држеа” до средината на второто полувреме кога Вардар првпат направи предност од седум голови (30-23). Тоа беше период од средбата кога беше скршен отпорот на гостите, а Вардар најави дека нема да има неизвесност. Во 51 минута првпат имавме и осум гола предност, 35-27, а потоа и 36-27. Единствено неизвесно беше со колква разлика ќе заврши средбата. „Десетката” ја раситнивме во 54 минута за прво двоцифрено водство, 38-28. Сѐ беше решено, но требаше рутински да се доиграат преостанатите минути.

Во следното коло на СЕХА лигата Вардар гостува на 28 ноември во Нашице кај Нексе.

Извор: rkvardar.mk

Strugaonline

Facebook Коментари