Петто јубилејно издание на „Моден ден 2017“ – стружани ќе блеснат во духот на танцот и модата

- Забава, Локални
1725

Во организација на  Балетското студио „Бах“ , утре со почеток во 20:00 часот, во хотел „Дрим“  ќе се одржи петтото јубилејно издание на „Моден ден 2017“ , настан кој полека прераснува во манифестација. Сите присутни ќе имаат можност да уживаат во несекојдневен софистициран спој на танцот и модата.

Организаторот Тања , која воедно е и кореограф и идеен творец на Балетското студио „Баx“  најави дека и оваа година  имаат богата и ексклузивна програма и дека трудот и напорната работа вложени од страна на целиот тим изминатиов период, ќе донесе одлично шоу. Посебни емоции овогодишниот „Моден ден“ носи и за Мила Отовиќ која до сега била дел од публиката, а сега еуфоријата ја чувствува во улога на учесник. Отовиќ истакна дека сега ја гледа разликата како е да се биде само гледач и колку е убаво да се почувствува целата таа атмосфера на подготовки како учесник.

Изминатите четири години на модниот ден можеше да се присуствува само со добиена покана. Овој пат, по повод јубилејот, беа пуштени во продажба 150 влезници за сите кои сакаат да бидат дел од настанот кој носи блесок во Струга, и тоа во ритамот на музиката и модата. Инаку, Модниот ден во Струга е вистинска можност  за сите припадници и на посилниот и понежниот пол кои сакаат да се занимаваат со манекенство и да го покажат својот талент во оваа област. Организаторите токму затоа не ангажираат професионални манекени туку даваат можност на аматерите со желба и талент да станат професионалци. Уметноста не познава старосна граница, затоа најмладите учесници на „Моден ден 2017“ имаат по само четири години.

Изминативе четири години Стружани покажаа дека почитуваат ваков вид на настани и сакаат да учествуваат на истите. Токму затоа, членовите на Балетското студио „Бax“ заедно со другите надворешни учесници на „Модниот ден“ работеа напорно, а ние ексклузивно преку фотографии од пробите ви пренесуваме дел од атмосферата.

Strugaonline

Фото: Љупчо Стефаноски

 

 

Facebook Коментари