Министерство за труд и социјална политика предложи, а владата ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година.
Со оваа програма се утврдуваат корисниците, мерките, носителите, извршителите и обезбедените средства за персоналната асистенција на лица со попреченост со цел да се придонесе за нивното независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Мерките од Програмата ќе им помогнат на лицата со попреченост во извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, за учество во образованието и на пазарот на трудот и други активности, кои лице без попреченост вообичаено би ги извршило без поддршка.
„Со оваа програма ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место“, се наведува во соопштението.
Според информациите од МТСП, асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.
За реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП. Оттаму наведуваат дека со воведување на персоналната асистенција ќе се зајакне системот на социјална заштита и ќе се придонесе за практична имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Министерството за труд и социјална политика ќе го следи извршувањето на програмата заради планирање на проширување на опфатот и достапноста на услугата во наредниот период.
Strugaonline
фото: архива
Facebook Коментари