Металург ја совлада екипата на Охрид со 27:24

- Спорт
1106

Во рамките на второто плејоф коло, во Автокоманда гостуваше тимот на Охрид. Во допадлив натпревар Металург ја оправда улогата на фаворит и го совлада противникот, со резултат 27:24 (16:11).

Иако на моменти, особено на крајот на средбата, изгледаше дека натпреварот е израмнет и неизвесен, Металург всушност имаше целосна контрола врз играта и врз резултатот во текот на сите 60 минути. Од самиот почеток ракометарите на Металург  тргнаа кон голот на противникот и веќе во 9. минута имаа предност од цели 6 гола, 7:1. Покрај нападот, одлично функционираше и нивната одбрана на чело со  одличниот Томовски. Иако Охрид во понатамошниот тек успеа да ја намали предноста, во последната третина од првото полувреме Металург влезе со  максималните +7, 14:7. Првото полувреме заврши со резултат 16:11.

Неочекувано, во вториот дел спласна амбицијата на Металург за висока победа против охриѓаните. Во игра влегоа најмладите ракометари на нивниот тим, следеа и неколку брзоплети акции проследени со грешки и со слаба реализација во нападот, а сето тоа го искористи противникот и ја намали  предноста на само два гола. Сепак, ракометарите на Металург  не дозволија да се случи комплетен пресврт и рутинирано ја приведоа средбата до крајот.

Веќе во следното коло, на 14 април, Металург го очекува тешко гостување во Битола, каде тимот на Еурофарм Работник ќе биде нивен прв посериозен предизвик во тековното првенство.

.

Металург – Охрид   27:24 (16:11)

Металург: Томовски (12 одб.), Даниловски (1 одб.), Маџовски, Јагањац 4, Димитриоски 2, Токиќ 1, Серафимов, Кузмановски 8, Илиќ, Велковски 3, Пешевски 3, Палевски 2, Гуглета 3, Матијашиќ, Лазаревски, Арсеновски 1.    Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 6 мин.

Охрид: Трајкоски (12 одб.), Колев (1 одб., 1 сед.),  Ѓоргиески, К. Андоноски 2, Ивановски, Младеновски 7, Блажески 2, Костов 1, Ристески, Спасовски, Јанчев 2, Тасески 2, Кобетиќ, Д. Андоновски, Димитријески 8.   Седмерци: 4/4.   Исклучувања: 8 мин.

Судии: Спаско и Глигор Ќаеви од Скопје.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Извор и фото: rkmetalurg.mk

 

Facebook Коментари