Вардар шампионски славеше во Германија

- Спорт
927

Пласманот на Ф4 турнирот во Келн и одбраната на европската титула стануваат реалност и се поблиску до реализација по победата во Германија, 29-28 против Кил во првиот четврт-финален натпревар од лигата на шампионите. Вардар го оправда фаворитскиот статус осварувајќи ја 55. победа во групната фаза од ЛШ и прв триумф на гости против Кил.

Две третини од натпреварот Вардарци беа доминантни, и постојано имаа водство. Потоа малку паднаа во темпото, Кил ги искористи шансите и направи предност од „плус 3″ во последните десет минути. Но, тоа не значеше откажување од  целта, напротив,  токму добрата одбрана и концентрацијата на ниво се покажа кога беше најпотребно. Ракометарите на Вардар постигнаа  два гола во последните 30 секунди, го предизвикаа противникот да греши, и тоа добро го искористија.
Лука Циндриќ, Тимур Дибиров и Хорхе Македа ги постигнаа последните три гола за Вардар со кои „црвено-црните” триумфираа во Германија во салата која е „неосвоива тврдина” за многу други екипи.

Натпреварот Вардарци го започнаа со водство што го задржаа до 45 минута. Во тој период играа добра одбрана, а во нападот повеќе ја растураа противничката одбрана со комбинации со пивотмените. Вардар покажа дека не респектира никого, па ниту поранешниот повеќекратен европски првак. Имаа решение за секоја игра на Кил, ги сопреа нивните напади.
И така беше и на почетокот на првите минути од второто полувреме. Потоа некои  грешки ги искористи домаќинот да се врати во игра, па и да поведе.

Шампионски се однесуваше Вардар и кога имаше негатива од три гола, кога салата во Кил го бодреше својот тим. Имаа игра, мотив и желба да покажат дека нивната форма оди нагоре и дека се подготвени за нов пласман во Келн.
Во последните минути Вардарци добро го искористија тоа што Кил имаше исклучен играч, намалија на еден гол, а потоа Дибиров уште еднаш погоди за израмнување. Кил го имаше последниот напад, но младиот Нилсен погреши а Македа од својата половина ја погоди празната мрежа за победа, 29-28.

Реваншот се игра во недела во Скопје од 17 часот.

Извор и фото: rkvardar.mk

 

Facebook Коментари