Денес точно напладне од Свети Наум ќе започе 32-от Охридски пливачки маратон, една од најголемите домашни спортски манифестации.
На стартот ќе се појават 30 пливачи, од кои 20 машка и 10 во женска конкуренција.
Во Охрид доаѓа дел од светската пливачка елита. Ќе биде и ланскиот победник, Германецот Александар Стужински, Аргентинецот Дамјан Блум, кој години наназад учествува на маратонот. Боите на Македонија ќе ги бранат само двајца пливачи и тоа во машка конкуренција, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски.
Годинава има измени во организацијата, па наместо како досега на 30 километри, ќе се пливаат 25 километри. Патеката е скратена кај Љубаништа, дел од „Градиште“ до хотелот „Гранит“, а во финишот преку „Куба Либре“ директно ќе се влегува во целта. Името на патеката останува „Климе Савин“.
Регуларноста на трката ќе биде следена од будното око на делегатот на ФИНА, Жан Пол Нарс, кој очекува успешна трка, без грешки и најважно без повреда на некој од пливачите.
Првата маратонска трка на релацијата „Горица-Охрид“, во должина од 2,5 километри е одржана во 1954 година. Учествувале осум пливачи, а победил Нико Нестор. Следните се одржани во 1956 и 1957 година, победници се Дики Бојаџи и Ѓоко Чудов. Се натпреварувале и жени, а најдобри биле Снеже Групчева и Соња Думбалоска. Првиот вистински маратон се одржал во 1962 година на патеката Пештани-Струга-Охрид, во должина од 36 километри. Победил Абу Хеиф од Египет, втор бил Вилјам де Вренг од Холандија, а трет Дики Бојаџи од Република Македонија. Во женска конкуренција победила Атина Бојаџи од Република Македонија, инаку сестра на Дики Бојаџи. Маратонот продолжил да се одржува до 1966 година (со исклучок на 1963 година, поради Скопскиот земјотрес). Од 1992 година се одржува секоја година на патеката „Климе Савин“.
Најмногу победи на пливачкиот маратон во Охрид има остварено Бугаринот Петар Стојчев, дури 11, додека по еднаш триумфирале и Македонците Евгениј Поп Ацев во 2015 година и Томи Стефановски пред две години.
Извор: ОхридПрес
фото: архива
Facebook Коментари