Во сабота, 8-ми септември во склоп на проектот „Вреднување на различностите – почитување на другоста“, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци во Струга ќе се одржи „Фестивал на различностите“. Во рамките на фестивалот ќе настапат културно уметнички друштва со тематика околу свадбените обичаи, ќе биде прикажан документарен филм за свадбени обичаи, а ќе бидат презентирани и јадења од традиционална кујна. Во планираните активности, ќе биде поставена и изложба на фотографии во контекст „Струга некогаш и денес “ како и презентација на предлог проекти за развој – смислени од учесниците/младинците. Фестивалот ќе започне во 12:00 часот.
„Заедниците во Република Македонија, а со тоа и припадниците на заедниците во регионот на Струга, Дебар, Кичево и покрај тоа што живеаат и споделуваат многу секојдневни потреби и навики, сепак живеат во релативно изолирани и речиси паралелни микросветови. Економската, а особено политичката ситуација во последниве години дополнително ги интензивира и сензитивизира локалните заедници создавајќи им или засилувајќи им ги веќе постоечките стереотипи и предрасуди на едните наспрема другите по етничка, религиозна, јазична и друга припадност.
Овие тенденции се особено забележителни помеѓу помладите генерации, што резултираат со различни видови несогласувања, кои се манифестираат низ различни форми: игнорирање на другоста и нејзино непрепознавање, до вербално и физичко насилство едни кон други.“ – велат организаторите за проектот „Вреднување на различностите – почитување на другоста“,
Со проектот ВРЕДНУВАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ – ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГОСТА се реализираат препораките за преземање и реализирање програми, најпрво за интеркултурно образование, потоа мултикултурно и мултиетничко образование, меѓусебно комуницирање, воспоставување практики на меѓусебно запознавање и споделување знаења и секако, на ваков начин, намалување на ефектите од можните штети на постоечките стеротипи и предрасуди. Овие знаења треба да придонесат за зголемување на капацитетите на локалните заедници за себепочитување, вреднување на другоста кај другите заедници и презентирање на регионалните културни карактеристики како самоодржлива основа за развој на регионот во економска смисла, особено од аспект на локалните форми на туристичка презентација.“ – велат организаторите.
Општата цел на Проектот ВРЕДНУВАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ – ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГОСТА е воспоставување неформални форми за интеркултурен дијалог, мултукултурно и мултиетничко образование и запознавање на припадниците од различните заедници во регионите на Струга, Дебар и Кичево со културните вредности и обуки за почитување на другиот. Првата специфична цел е воспоставување неформали форми на младински активности со цел запознавање со специфичните форми на минатото во регионите, формите на споделена култура и препознавање на различностите низ истражување и презентација на нивните култури. Втората специфична цел е воспоставување неформални форми на младински активности со цел препознавање и идентификување на регионалните вредности и вредностите на различностите како основа за одржлив развој преку локални економски форми и туризам.
Активностите во проектот се реализирани низ три работилници: 1. Разбирање на културата: Храна како средство за комуникација: „Ние сме тоа што јадеме!“; 2. Музиката, играта и песната се идентитет; 3. Работилница за разбирање на културите преку документарни фотографии со обука за документарна визуализација на општествената и културната средина.
Резултатите од активностите се видливи на „Фестивалот на различностите“
Настанот е дел од проектот „Декада на припадност – славење на различностите“ финансиран од Европската Унија
Организатори на настанот се: Здружение за локален развој и културно уметничко друштво „Драслајчанка“ ;Институт за етнологија и антропологија, Природно – математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје; Национална установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга; Граѓанско здружение за промоција и зачувување на влашката традиција и култура „Мбела“ – Струга; Здружение „Деборус“ – Дебар; Здружение „фортеса-Ш 2007“ – Кичево.
Strugaonline
Facebook Коментари