Пратеничките на ДОМ со амандман за колекторот во Охрид

- Локални
1048

Пратеничките на партијата ДОМ поднесоа три амандмани на Буџетот и тоа за аерозагадувањето и колекторите во Охрид и Дојран, како ургентни потреби за следната година.

Амандманот за Охридското езеро обезбедува средства во висина од 11 милиони евра за доизградба на колекторскиот систем, со оглед на тоа што е потребно итно заокружување на основната мрежа, во состојба кога туризмот е во подем и се очекува натамошен развој. Досега е изработена комплетна проектна документација, а е најавено и како владин приоритет. Обезбедување ефикасно функционирање на колекторскиот систем е и еден од заклучоците од собраниската надзорна расправа за управување со од УНЕСКО заштитениот, Охридски регион, информираат од партијата.

Покрај тоа, за Дојранското езеро се предложени 200.000 евра за дореализација на проектот за реконструкција на пречистителна станица во општината. Со амандманот за аерозагадувањето се предвидува зголемување на предвидената програма, а средствата се наменети за: набавка на мерни инструменти за мониторинг на воздухот, набавка на опрема и акредитација на централна референтна лабораторија, промена на горивата, поставување на сончеви панели и енергетска ефикасност за јавни објекти и домаќинствата, како и за изработка на регистар на возила.

Со амандманите е предвидена пренамена на средства од повеќе буџетски ставки во ставки стриктно наменети за подобрување на состојбите со животната средина во делот на воздухот и водите, во вкупна вредност од 34,7 милиони евра.

Извор: ОхридПрес

фото: архива

Facebook Коментари