Охрид се збогува со градоначалникот, Проф.Д-р Јован Стојаноски

- Локални, Хроника
1144

Охрид денес ќе се збогува со градоначалникот, проф. д-р Јован Стојаноски, кој ненадејно почина пред два дена.

Советот на Општина Охрид, вчера одржа вонредна седница. Седницата започна со едноминутно молчење, а советниците донесоа одлука, денешниот ден да биде прогласен за Ден на жалост на подрачјето на општина Охрид. Сите културни, спортски, забавни и други настани и манифестации закажани за денес се откажуваат. Со почеток во 10:00 часот во големата сала на општинската зграда денес ќе одржи Комеморативна седница, а посмртните останки на градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски ќе бидат изложени од 12 -14 часот во капелата на градските гробишта.

На комеморацијата и погребната церемонија се очекува да присуствува и висока владина делагација, предводена од премиерот на Република Македонија Зоран Заев.

На 48 годишна возраст, пред два дена, на 15-ти декември, ненадејно почина градоначалникот на општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски. Според првичните информации, тој немал здравствени проблeми претходно и починал ненадејно од инфаркт.

Проф. д-р Јован Стојаноски е роден на 7-ми август 1970 година во Охрид. Високото образование го стекнува на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методи“ во Скопје. Од 1999-та година е Магистер по маркетинг, а во 2003 година Доктор по Меѓународен туризам и Маркетинг менаџмент. Стојаноски е долгогодишен професор на факултетот за туризам и угостителство во Охрид и член на партијата СДСМ. Беше носител на советничката листа на последните локални избори во 2013-та година и координатор на советничката група на здружената опозиција во периодот 2013-2017 година. Во 2017-та година беше избран за Градоначалник на Општина Охрид од редовите на СДСМ. Беше оженет и татко на две деца.

извор: ОхридПрес

фото: архива/ОхридПрес

Facebook Коментари