Синоќа иницијативниот одбор на с. Враништа одржа состанок на кој беше презентирана досегашната работа на одборот со цел да се исполнат барањата на жителите од Враништа кои беа соопштени пред десетина дена, а се во насока на поголема заштита на регионалниот пат кој поминува низ Враништа.
Поставување на „лежечки полицајци“, осветлување, поставување соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација особено во пределот на местото каде се наоѓа школото, изградба на пешачка патека крај патот, се дел од барањата на месното население од Враништа, за кои добија поддршка во секој сегмент.
– Договорено е општина Струга да направи ископ за канделабри, кои се планирани да бидат поставени од патот за Ложани до Автобуската станица. Исто така, општина Струга ќе донира кабел, црево кое е потребно. Ние обезбедивме 8 канделабри кои се во изработка како и светилки за тие канделабри, истакна Боби Затуроски од Иницијатинвиот одбор.
Исто така, во насока на поставување на „легнати полицајци“, барање било доставено до Министерството за транспорт и врски, по што од таму биле упатени да се обратат до јавното претпријатие за Државни патишта од каде за скоро време се очекува и повратен одговор.
– Ние испративме до ова претпријатие барање, за изготвување на комплетен проект за да се направи комплетната потребна сигнализација. Согласно Законот ние ги исполнуваме сите услови за поставување на ваква сигнализација, со оглед на тоа што во близина има училишта, спортски игралишта. Стапено е во контакт со лицето кое ќе го изработи проектот, каде согласно Законот треба да се обезбедат соодветни потписи од архитект, сообраќаен инжињер, но сето тоа ќе биде обезбедено, додаде Затуроски.
Од страна на општина Струга ќе бидат донирани 350м квадратни бекатон плочки, 350 метри ивичњаци, со цел завршување на отпочнатата пешачка патека од едната страна. Исполнето е и барањето за поголемо присуство на полиција на овој потег, при што полициските служби се веќе присутни на овој пат, во близина на училиштето во утринските часови кога учениците одат на настава.
Почетокот на изведбата за поставување на канделабрите и довршување на пешачката патека од едната страна како што беше најавено на состанокот ќе биде за многу брзо.
Facebook Коментари