Др. Верица Боческа: Грижата за оралното здравје треба да започне од најрана возраст

- Здравје, Интервју
3453

Оралното здравје е од исклучителна важност, на негово зачувување треба да се работи од најмала возраст. За сите неправилности во усната празнина, начинот на третирање на неправилностите како што се искривување на забите, нивниот број, положба, облик и структура како и индивидуалната превенција која може да ја направи секој од нас разговаравме со Др. Верица Боческа – специјалист ортодонт во специјалистичката ординација по ортодонција ,,Орто смајл”.

Strugaonline: Најпрво кажете ми како и зошто одлучивте да специјализирата ортодонција?

Др. Верица: Бев студентка на стоматолошкиот факултет. Кога бев трета година веќе се ориентирав за ортодонција. Ортодонцијата не е нова гранка но се развива доста брзо.  Во неа има биомеханика, естетика и психологија. Ја избрав најмногу затоа што се занимава со здравјето и со насмевката.

Strugaonline:  Каква е соработката на ниво ортодонт-пациент? Бидејќи кога станува збор за оралното здравје довербата на пациентите е од исклучително значење, зборуваме за работа од која често се плашат оние кои седнуваат на стоматолошкото столче.

Др. Верица: Врската на ниво пациент – ортодонт е од особено значење за осигурувањето на високиот квалитет во областа на дијагностицирањето и лекувањето на аномалиите кои можат да се јават кај забите. Пациентот треба да има целосна доверба во ортодонтот за да му го довери своето орално здравје.Ортодонтот треба да биде внимателен и да приоѓа индивидуално, на секој пациент со посебен пристап. Направени се повеќе истражувања во Америка токму на оваа тема. Истражувањата покажале дека треба да се подобри невербалната комуникација. Токму тој вид на комуникација е одличен начин за луѓето да се поврзат емотивно и со взаемна доверба и емпатија.

Strugaonline: Како ортодонт ги третирате сите видови неправилности кои можат да се јават кај забите вклучувајќи ја нивната положба, бројот, обликот, големината и структурата. Преку кои стручни методи ги третирате ваквите неправилности?

Др. Верица: Постојат безброј решенија кои можат да се применат за корекција на неправилно поставените заби без разлика дали зборуваме за естетски или здравствени причини. За разлика од минатото се работи за побрзи и посуптилни начини кои се користат, а истите имаат и подобри резултати. Основните ортодонски апарати се : делатна : профилактични (активни и пасивини држачи за простор), апарати за лекување: функционални, механички апарати  и комбинирани апарати. Екстраорални,ретенционални апарати. Ретенцијата е последна и многу значајна фаза во ортодонската терапија со која забите се задржуваат во саканата положба. Направите кои што ги користиме за ретенција се мобилни плочи за горна и долна вилица или ретајнери од фолија кои што се потполно прозирни или фиксни. Доколку ретенцијата  се носи по упатството на ортодонтот забите ќе се вратат во саканата првобитна положба.

Strugaonline: Што се однесува до протезите, дали подобра опција се фиксните протези или мобилните?

Др. Верица: Мобилната и функционалната ортодонција се применуваат кај деца во раст и развој, се постигнува правилен раст на сите ортофацијални структури, правилно функционирање на мускулуте на образот, мускулите на јазикот – се со цел да се овозможи правилен развој на забот. Фиксната ортодонција се применува со класичните метални и високо естетски брекети кои што можат да бидат керамички и сафирени. Тие служат за исправување на положбата на забите и не е можно да се користат за отстранување на некои други проблеми како што е потребата за ширење на вилицата или односот помеѓу горна и долна вилица.

Strugaonline: Која возраст е најсоодветна за поставување протези?

Др. Верица: Нема ограничување на возраста. За нас, возрасен пациент се смета секој оној кој има над тринаесет години. Помеѓу десет и тринаесет години е пикот на растење кај децата.Реално, можеме да лекуваме пациенти од четири годишна возраст. Индивидуално е и различно до случај до случај. Но, најчесто со лекувањето започнуваме со никнувањето на  постојаните инцизиви, односно на седум годишна возраст. Со раната терапија може да се намали можноста за импактирани заби, да се отстранат непожелните навики како што се цицанје на шрстот и туркање на јазикот помеѓу предните заби. Исто така, раната дијагностика може да влијае на инфантилното голтање и потешкотиите при говор.Раната терапија може значително да ја поедностави подоцнежната терапија, а се изведува по план кој се темели на специфичен и поединечен случај за секој пациент.

Strugaonline: Дали неправилностите во усната празнина се вродена аномалија или истите настануваат од одредени причини?

Др. Верица: Причините за настанување на аномалии се врзани со пречки, повреди во нормалниот раст и развој  на организмот. Врз развојот можат да влијаат и генетските фактори како и фактори на околината. Вродени скелетни аномали се состојби кои што се јавуваат за време на раѓањето. Истите, најчесто се предизвикани од генетски фактор. Во вродени аномалии спаѓаат различни видови цепки на лицето, хепдонтија, анодонтија, хиподонтија и микрогнатија. Надворешните фактори кои што влијаат брз плодот, се рентген и гама-зраци, наркотици, никотин, алкохол, некои видови лекарства вируси и заболувања.  Фрактурите на вилица исто така можат да бидат причина за забно-вилични деформитети. Во надворешни фактори кои предизвикуваат неправилности во усната празнина спаѓаат:цицање на прсти, инфантилно голтање, проблеми со дишењето. Дишењето преку уста може да предизвика промени во позицијата на вилицата, јазикот и главата.

Strugaonline: Што најчесто грешиме во чување на оралното здравје?  Има ли универзални правила со кои сами можеме да делуваме на превенција?

Др. Верица: Најголемата грешка е тоа што не се грижиме за оралното здравје уште од најрана возраст. Порано владееше мислење дека првата контрола треба да се направи на три годишна возраст кога детето е благо-социјализирано. Но, истражувањата покажуваат дека контролата треба да се случи при крајот на првата година од животот на детето бидејќи првите млечни заби почнуваат да никнуваат во шестиот месец од раѓањето на детето.Родителите треба да го набљудуваат развојот на децата како и изговарањето на согласките и самогласките. Тоа се првите моменти во периодот од четири до шест години од животот на детето. Доколку детето нема правилен изговор соработката помеѓу логопед и ортодонт дава прекрасни резултати.

Специјалистичката ординација по ортодонција ,,Oрто смајл” освен за оралното здравје се грижи и за убавината. Отстранувањето на знаците на стареење e доволен мотив за сите кои се грижат да својот изглед да ја посетат оваа ординација.

И.М.

Facebook Коментари