Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле дополнителни приходи најдоцна до 15 март имаат обврска да поднесат Годишна даночна пријава (образец ПДД-ГДП), информира раководителот на Управата за јавни приходи – Струга Оливера Далческа.
– Законска обврска на граѓаните односно физичките лица е сите остварени приходи во тековната година да ги пријават, искажат во годишната даночна пријава и истата да ја поднесат до управат за јавни проходи.Значи, сите приходи граѓаните кои ги оствариле во 2016та година имаат обврска да ги пријават и истата да ја поднесат до УЈП најдоцна до 15ти март 2017 година. – изјави раководителот на УЈП – Струга Оливера Далческа.
Во кои случаеви граѓаните односно физичките лица немаат обврска за поднесување на годишна даночна пријава?
– Доколку граѓаните односно физичките лица остваруваат приходи по основ на лични примања од работен однос односно плата, приходи по основ на пензии, приходи по основ на самостојна дејност и приходи по основ на земјоделска дејност немаат обврска за поднесување на годишна даночна пријава, меѓутоа доколку граѓаните покрај овие споменати приходи остваруваат и други видови приходи, задолжително, мора да поднесат годишна даночна пријава најкасно до 15-ти март. Под други видови приходи се подразбираат приходите кои што се остваруваат по основ на издавање под закуп на движен и недвижен имот, приходи по основ на авторски права, приходите кои што ги остваруваат граѓаните по основ на капитални добивки, приходи по основ на вршење на привремени и повремени работи, приходи кои што граѓанинот ги остварува од игри на среќа над износ од 5000 денари за секоја поединечна исплата, приходи кои што се остваруваат по основ на разни трансакции кои што се вршат преку интернет, приходи кои се остваруваат од лични примања во странство меѓутоа за активности поврзани со работењето во Македонија како и сите видови други приходи. Доколку граѓанинот ги остварува овие видови на приходи, мора заедно со основните приходи од плата, пензија, земјоделска дејност и дејност од самостојно вршење, да поднесе годишна даночна пријава. -изјави раководителот на УЈП – Струга Оливера Далческа.
Доколку граѓанинот не поднесе годишна даночна пријава или истата ја поднесе со задоцнување, подлежи на глоба за сторен прекршок во износ од 100 до 200 евра во денарска противредност.
Извор: Спектра
Facebook Коментари