Школата за ракомет ,,Струга” ги остварува соништата на младите таленти – уписите се во тек

- Интервју, Спорт
1856

Школата за ракомет ,,Струга” од Струга  врши упис на нови членови. Вистинско  време е да се откриваат нови спортски таленти, ракометот очигледно е заштитен знак на нашиот град. Токму од Струга потекнуваат многу звучни ракометни имиња, а иднината е на младите. Токму затоа ова е вистинска можност за сите млади таленти да тргнат по патот кон спортскиот успех. Деталите околу начинот на пријавување, како и новите услови за тренирање кои се постигнати со ребрендирањето на клобот во Академија ,,Кирил Лазаров 7” ги дознавме од Дејан Коцарески (тренер).

Strugaonline: Уписите во школата за ракомет ,,Струга” се во тек. Кажете ми каков е до сега интересот и која е возрасната граница за сите оние кои сакаат да се пријават?

Дејан: Многу сме задоволни од до сега покажаниот интерес, младите во Струга навистина го сакаат ракометот и се пријавуваат со голем ентузијазам.  Можат да се пријават сите оние кои се родени 2003 година и помали. Тренинзите ќе се одржуваат во спортски центар ,,Тими” и во ПУ ,,Јахја Келмал”. Официјалниот почеток на тренинзите е на први април, но доколку некој изрази желба и после почетокот може да се приклучи.

Strugaonline: Освен желбата, дали постојат некои други услови кои треба да ги исполнуваат идните членови?

Дејан: Желбата е од клучно значење, се друго што е потребно може да се стекне во склоп на тренинзите. Секако, важна е и дисциплината, посветеноста, комуникацијата и другарувањето со соиграчите, почитување и пријателска настроеност кон противникот и спортската хигиена. Но, тоа се сегменти кои се учат во пракса.Официјалниот почеток на тренинзите е на први април, но пред тоа ќе имаме отворена недела каде ќе можат да доаѓаат на тренинзи и деца кои не се запишани во нашата школа се со цел да видат дали сакаат да доаѓаат и како им се допаѓа овој проект.

Strugaonline: Ние веќе информиравме дека во тек е формирање на професионална и рекративна група, но и  дека се создадени нови подобри услови за развој на ракометот во градов. Имено, ребрендирани сте во ,,Академија Кирил Лазаров 7“ што подразбира сето тоа?

Дејан: Функционирањето во склоп на академијата ,,Кирил Лазаров 7” овозможува одлични услови за тренирање но и целосна посветеност на членовите на школата во повеќе сегменти. Сите наши членови добиваат бесплатни прегледи во Поликлиника ,,Филип Втори” во Битола, соработка со другите школи од други градови кои се дел од академијата, постојана соработка со родителите на нашите членови, ангажиран е и психолог за подготовка и на децата и на родителите за да нема никаков притисок, затоа што спортот е позитивна работа и тоа треба да го научат и родителите. Членовите ќе добијат бесплатни дресови, нема да плаќаат за користење на ракометните сали. Тоа се само дел од бенефитите кои ќе ги имаат со тоа што ќе членуваат во нашиот клуб.

Strugaonline: Најавивте дека е планирано оформување и на женска група која спортски ќе биде едуцирана од женски тренер, колку има интерес за ракомет од страна на понежниот пол?

Дејан: Женска ракометна група секако е во план, сакаме да покажеме дека ракометот не е само машки спорт. Интересот секако не е толку голем како за машката група на ракометари, но ние сме отворени за соработка и планираме да ангажираме женски тренер кога ќе биде оформена ракометна група од девојчиња. Ги мотивираме девојчињата кои уште од дома треба да научат дека полот воопшто не е пречка за успех во ракометот. Напротив, сведоци сме на многу успешни ракометарки.

Strugaonline: Во соопштението кое го добивме од Вас, освен на спортот посебен акцент ставате на анимација и социјализација на Вашите членови, кои активности се организираат по тој повод?

Дејан: Социјалицзацијата и анимацијата на нашите членови е многу важна компонента. Другарувањето ќе биде на прво место, најпрво ќе бидат организирани планинарски тури за нашите членови, така ќе можат да се запознаат подобро, исто така ќе имаат и средби со децата од другите школи од цела Македонија кои спаѓаат во Академија ,,Кирил Лазаров 7”. Ова е навистина сериозен проект кој во својот долгорочен план има планирано и учење на математика и англиски јазик, затоа што ние децата ги учиме дека училиштето е на прво место.

Strugaonline: Што ќе се случува со децата кои имаат желба да се запишат во вашата школа, а ја немаат достигнато соодветната возраст, сигурно има и такви случаи?

Дејан: Да, имаме случаи во кои родители и на петгодишни  деца ни се јавуваат за да ги запишат во нашата школа. Тоа е навистина многу рана возраст, но доколку има повеќе интерес и доколку може да се оформи група сигурно нема да ги одбиеме. Тоа е еден вид ,,мини ракомет”. Со тие деца би се работело малку поинаку, соодветно на нивната возраст.

Strugaonline: Сосема за крај, да ги информираме уште еднаш сите оние кои имаат желба да се пријават, кои се телефонските броеви и мејлови за пријавување?

Дејан: Сите заинтересирани можат да се пријават на телефоните 070 801 157 и 078 432 286, а повеќе информации можат да добијат на нашата официјална страница на социјалната мрежа facebook.

Извор: StrugaOnline

Подготви: Ирена Мрческа

Facebook Коментари