63% од граѓаните во Македонија не знаат дека постои Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, а истиот претставува еден од основните темели за доброто владеење, зголемувањето на транспарентноста и обезбедувањето значајно учество на граѓаните во јавниот живот. Ова се само дел од заклучоците од обуката на тема „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“ која се одржа на 25.03 во хотел Мираж, организирана од страна на Центарот на заедницата на општина Струга.
Предавач на обуката беше адвокатот Владимир Стојковски кој укажа на важноста на овој закон како и на сите права кои ги имаат физичките и правните лица во процесот на барање информации од јавен карактер од имателите на тие информации.
Обуката се претвори во конструктивна дебата во која учесниците ги споделија своите искуства на оваа тема. Преку одржаната обука претставниците на граѓанските организации, неформални групи, поединци и медиуми го стекнаа потребното знаење кое што ќе им користи во понатамошното работење и општествено делување. Стојковски ги објасни сите етапи од овој процес – од доставување барање за информации од јавен карактер до правните лекови кои барателот може да ги искористи доколку не ја добие бараната информација, а истата спаѓа во информации од јавен карактер.
Споделените искуства на учесниците во обуката укажуваат дека во соработката со имателите на информации од јавен карактер има и позитивни и негативни искуства, но најважно е физичките и правните лица да бидат запознаени со своите права и истите да ги искористуваат со сите механизми кои што ги овозможува правниот систем. Правото на пристап до информации од јавен карактер е регулирано со член 16 од Уставот на Република Македонија.
Извор: StrugaOnline
Facebook Коментари