Претставникот на граѓанската иницијатива „Доста“ Глигорие Ќатоски, кој што истовремено е и член на Комисијата составена од страна на општина Струга за справување со проблемот со струшката депонија излезе со соопштение наменето за сите граѓани околу досегашните активности на комисијата. Во целост ви го пренесуваме соопштението:
„Почитувани жители на Општина Струга, како претставник на граѓанската иницијатива кој учествува во работата на Комисијата составена од страна на Советот на Општина Струга за справување со проблемот со струшката депонија, а со оглед на рокот (04.05.2017 година) кој го оставивме за конкретни резултати имам обврска спрема вас да дадат отчет за досегашната работа на Комисијата. Имено на ден 24.04.2017 година членовите на Комисијата, заедно со инспекторот за животна средина Г-дин Митко Коркутоски остварија средба со шефот на кабинетот на градоначалникот на Општина Охрид, Г-дин Зоран Рафтоски и градоначалникот на Општина Охрид, Г-дин Никола Бакрачески. На самиот состанок од наша страна беше образложен проблемот со кој се соочуваат стружани со струшката депонија и беше образложен и предлогот за времено решение со започнување со складирање на отпадот во депонијата во Буково (истата депонија во која и Општина Охрид го складира својот отпад). Од страна на локалните власти на Општина Охрид ни беше посочено дека и самите се соочуваат со еден вид дива депонија во месноста Мауцкер и дека не се сигурни дека депонијата во Буково би имала капацитет за депонирање на отпад за двата града (Струга и Охрид). Од нивна страна беше потенцирана потребата од изготвување на физибилити студија со која би се проценил капацитетот на депонијата во Буково што од страна на претставникот на граѓанската иницијатива беше истакнато дека ваквото решение не е соодветно бидејќи самото изготвување на физибилити студија трае прилично долго, а како што споменав на почетокот се работи за ВРЕМЕНО решавање на проблемот (се додека не се создадат регионалните депонии). Воедно како претставник на граѓанската иницијатива се потенцираше и ИТНОСТА, односно УРГЕНТНОСТА за решавање на проблемот. Како Комисија се разгледуваат и други опции како:примарна и секундарна селекција на отпадот, евалуирање на нови локации за времена депонија, вршење корекција и подобрување на приписите кои се однесуваат на комуналниот ред во Општината. Во меѓувреме се започна со постапка за конзервација на постојната струшка депонија и во тек е изготвување на техничка документација. Во наредниот период Комисијата ќе излезе со официјален извештај и предлог мерки кои ќе бидат образложени на седница на Совет на Општина Струга и на кои ќе се гласа. За точниот датум и време на одржување на седницата ќе бидете дополнителни известени.“
Граѓанската иницијатива „Доста“ беше формирана после Велигденските празници, кога беше спалена струшката депонија и Стружани четири дена се гушеа во облаци од чад.
Извор: Strugaonline
Facebook Коментари