Денеска сите патишта водат кон Струга

- Локални
3982

Денеска  во Струга ќе се одржи Свечена Ѓурѓовденска Литија   на која стружани и гостите ќе ги дочекаат светите мошти на Св Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона.

На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како символ на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што ќе бидат носени од страна на видни струшки граѓани, ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Ова претставува, всушност, обновување на оваа сердарска служба, којашто и порано постоела при Бигорскиот манастир и имала улога да го заштитува. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, исто така облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец. Оваа традиционална мијачка носија е, всушност, беспрекорно верна копија на раскошно везената зетовска носија од XIX век. Според иницијативата на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, облеките беа изработени од страна на нашата благородна долгогодишна пријателка и голем добротвор на манастирот, Елена Пандева, која за оваа цел, заедно со тимот од нејзината модна куќа „Ел Креатив“, соработуваше со гостиварската работилница на семејството Јанкоски, со што се направи едно големо и многу важно историско дело.

Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија заради мноштвото народ, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е еден одличен начин достоинствено да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј.

Литијата ќе започне во 17 часот

Facebook Коментари