Културната установа „Блесок“, реализирајки го проектот „Книги во чевли“ наменет за деца, во Македонија ги донесе xрватските писатели Ана Ѓокиќ и Зоран и Ема Понграшиќ кои неделава во повеќе градови низ Македонија ќе ги промовираат своите дела на повеќе креативни работилници. На овие работилници, децата ќе имаат можност да ги запознаат авторите чии книги веќе се преведени на македонски од страна на издавачката куќа Блесок. Со проектот „Книги во чевли“ авторите континуирано држат работилници на Балканот, а овојпат за првпат ги претставуваат своите книги и на македонско говорно подрачје.
Последните два настана се в петок во 18:00 часот во Охрид, каде промоцијата на проектот и книгите ќе се одржи во ФИОФА, а промоторка ќе биде поетесата Долорес Атанасова – Лори, и следниот ден, в сабота во 18:00 часот во Скопје, во Мобилна/монтажна галерија во Паркот на франкофоните, каде ќе се одржи завршното дружење со хрватските автори.
Целиот овој караван е финансиски поддржан од Министерството за култура на Хрватска и од Град Загреб, како и од Традуки. Причината поради која Традуки интензивно поддржува проекти поврзани со литературата за деца е што различните истражувања правени во земјите на Европа укажуваат дека децата на возраст помеѓу 9 и 16 години воопшто не читаат, а целта што треба да се постигне е да им се врати книгата в раце на сите деца.
Facebook Коментари