
Некогаш важеше „како Струга нема друга“. Збиено градско јадро покрај реката Црни Дрим со тесни улички исполнети со прекрасни куќи. Дел од нив во самата чаршија, со дуќани или занаетчиски работилници на приземјето.

Последниве децении ситуацијата драстично се промени. Се чини како да не постои никаква заштита на архитектонското наследство на Струга, како тоа да е оставено на милост и немилост на урбаната мафија, или на забот на времето. Голем број уникатни зданија само што не се срушиле или со последни сили пркосат. Некои објекти поради негрижата веќе се срушиле, или настрадале бидејќи на тоа место некој посакал да изгради нов објект.

И покрај апелите од локалното население за заштита и санација, институциите како да молчат, нема нити изјава, нити соопштение, а најмалку конкретни активности да се спречи овој негативен процес.

Според една постара изјава на тогашниот директор на
НУ Музеј Др. Никола Незлобински, иако заштитно конзерваторски основи за Струга се изработени од страна на
Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, скоро деведесет проценти од архитектонските градби во градот заштитени со Закон ги имаат изгубено споменичните својства, и не ги исполнуваат условите според кои биле прогласени за вредно културно наследство. Да погодуваме зошто?

Носителите на јавни функции ја посетуваат Струга само на лето, најчесто за време на одржување на фестивалот
Струшки вечери на поезијата. Никој не повел иницијатива она што е вредно во градот да се сочува и за идните генерации, за посетителите, бидејќи тоа е она што е впечатливо како културна и туристичка понуда.

Само за потсетување, и Струга е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Но тоа како одамна да не значи ништо. Сите ја сакаат Струга само на зборови, но кога треба да се видат делата, нив ги нема.
Facebook Коментари