Малеска, под менторство на нејзината професорка по филозофија Дијана Милеска – Чуркоска, ќе ја претставува Македонија на Светскиот натпревар – Филозофска олимпијада, што од 15-ти до 18- ти мај ќе се одржи во Бари, Италија.
Таа е ученичка во 4-та година, каде што за прв пат се среќава со предметот Филозофија и токму преку него ќе се роди љубовта за слободното и критичко размислување и изразување.
(Проф. Дијана Милеска-Чуркоска и Катерина Малеска) I место на класификациите на македонска филозофска олимпијада и светски пласман
Катерина Малеска: На Македонската филозофска олимпијада, одлучив да пишувам на темата етика бидејќи цврсто верувам дека токму таа претставува суштински столб на човековото дејствување и општествен живот. Етиката, како наука за моралот, нејзините принципи и норми, е клучот за успешно општество, каде токму таа го води нашиот секојдневен живот, определувајќи ја праведноста и чесноста во општествените односи. Верувам дека без длабоко разбирање на поставените етички вредности, ниту едно општество не може да напредува како дом за секој од нас.
Мојата подготовка за олимпијадата беше главно насочена кон проучување на клучните филозофски правци и аргументи, особено оние кои беа повразни со политиката и етиката. Благодарение на неизмерната поддршка на мојот ментор, успеав да го освојам првото место на натпреварот, што за мене претставува личен успех и поттик за понатамошно усовршување во областа на филозофијата.
Овој успех ме поттикна на нова борба, не за освоени награди, туку за продлабочување на моите знаења и унапредување на моето критичко размислување. Со голема љубов кон сите филозофи, како и со восхит кон нивните извонредни идеи, нетрпеливо ја очекувам Светската филозофска олимпијада. Со самото присуство на натпреварот, ќе стекнам огромно и неповторливо искуство кое ќе ме потсетува на овие моменти, односно кога филозофијата била моја инспирација и стекната мудрост. Знаејќи дека ќе имам можност да бидам дел од ваков интелектуален натпревар, верувам дека Светската филозофска олимпијада во Бари ќе ми пружи незаменливо искуство, како и тоа што ќе претставува можност за размена на мислења и филозофски дебати со млади филозофи од целиот свет.
Уверена сум дека ова искуство ќе претставува сеќавање за еден од моите највредни моменти во мојот образовен развој, предводена од мојата љубов кон знаењето и бесконечната потрага по вистината.
Проф. Дијана Милеска – Чуркоска: Oвој пласман претставува нејзин најголем успех. Како за неа, така и за училиштето, Општина Струга па така и за Македонија како нејзин претставник во светот.
Иако ова за Катерина е втор натпревар на кој се натпреварувала, вклучувајќи го и Државниот натпревар по филозофија нејзиното знаење и талент беа неспорни со што го покажува и самиот пласман.
Нејзините вештини се неизмерни и силно верувам дека ќе се најде во местата на најдобрите натпреварувачи.
(Проф. Дијана Милеска -Чуркоска и Ивана Милеска) III место на Државен натпревар по филозофија
Исто така пред класификациите за филозофската олимпијада кои се одржаа на 29- ти март, на 15-ти март се одржа и Државниот натпревар по филозофија каде ученичката Ивана Милеска го освoи третото место.
StrugaOnline
Facebook Коментари