Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 10-ти aприл, денот кој православните верници го слават во чест на Св. маченици Теренциј, Африкан, Максим, Помпиј и останатите триесет и шестмина со нив.
Во првите три векови од христијанството, едно од најголемите прогонства се случи во времето на императорот Декиј, иако овој владееше само две години, од 249 до 251 година. Во овој краток период настрадаа илјадници христијани, што не сакаа да принесат жртви пред идолите и на тој начин јавно да се откажат од Христа. Меѓу нив и денешниве 40 африкански маченици кои пострадаа од раката на тогашниот управник на Африка-Фортунијан.
Житие
Пострадаа за Христа и стекнаа венци на бесмртна слава во времето на царот Декиј. На заповед од царот намесникот на Африка му објави на сиот народ дека мора да им принесе жртви на идолите; во спротивно им се закануваа со страшно мачење на упорните. Кога ги слушнаа овие закани мнозина отпаднаа од верата и им се поклонија на идолите. Но овие четириесетмина маченици останаа непоколебливи, заради што беа изложени на мачење. Свети Теренциј ги храбреше своите другари со вакви зборови: „Да внимаваме, браќа, да не се откажеме од Христа, нашиот Бог, за и Тој да не се одрече од нас пред Својот Отец небесен и пред Светите ангели!“ Намесникот ги раздели во две групи: триесет и шестемина после биењето и стружењето и потурањето со сол врз отворените рани ги уби со меч.
А првите четворица ги фрли во затвор со тешки окови на вратот, на рацете и на нозете. Но ангел Божји им се јави во затворот и со допир ги ослободи од оковите. Беа повторно изведени и мачени, па повторно фрлени во затворот. Намесникот им нареди на гатачите да соберат што поголем број влекачи, змии и скорпии и да ги затворат во иста одаја со мачениците. Но влекачите не сакаа ни да се допрат до Божјите угодници, туку се прибија во еден агол и така прележаа три дена. Кога третиот ден го отворија затворот, отровните животни јурнаа по гатачите и ги искасаа. Најпосле намесникот ја изрече смртната пресуда над четворицата маченици. Кога ги водеа на погубување тие радосно пееја псалми и Го фалеа Бога Којшто ги удостои со маченичка смрт.
Чесно пострадаа и се удостоија со Небесното Царство во 250 година.
Тропар
Вие кои станавте сол за верата христијанска, вие на вашите рани сол им беше додадена, вие кои сте посредници помеѓу грешникот и Бога маченици свети Христови Теренцие, Африкане и другите, молете Го Спасителот на сите да се смилува над нашите души.
Извор: mpc.org.mk , фото: архива
StrugaOnline
Facebook Коментари