И оваа година традиционално, стружани и многубројните гости од земјава и од странство, беа сведоци на најголемата, најторжествената и една од најпознатите во целиот православен свет, сенародната Струшка Еордија (Литија).
На Еордијата ѝ претходеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин го одбележa чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносните сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста. Помеѓу возилото и Еордијата, дефилираше коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна изобразба на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древен Рим. Коњаникот, во раката држи палмова гранка како симбол на мирот, и има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
На чело на самата Еордија (Литија) беше член од Бигорското братство, кој го биеше клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Гликофилуса, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – чесните моштите на Светиот во раскошно украсената цветна кувиклија.
Чесните мошти на Светиот Победоносец Георгиј беа носени од четворица видни граѓани, а беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите одеше сејменската гарда, чии членови беа, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.
Традиционално, пред почетокот на Еордијата (Литија), во храмот на Св. Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, беше отслужена ктиторска вечерна богослужба.
StrugaOnline
Facebook Коментари