Лев банер Десен банер

Место на новата генерација EUROPE HOUSE СТРУГА СЛАВИ ПРВ РОДЕНДЕН

Europe House Struga одбележува една година како „Место за новата генерација“, платформа што во изминатата година стана центар за креативност, инспирација, младинска соработка, културна размена и одржливи иницијативи.

По повод годишнината, на 21 март во 19:00 часот ќе се одржи специјален настан, кој ќе вклучи изложба и музички настап, со цел да се одбележат најзначајните моменти и постигнувања во изминатата година.

Во текот на годината, Europe House Struga реализираше бројни еколошки, бизнис, културни и едукативни проекти, оставајќи силно влијание врз заедницата. Меѓу најзначајните, се издвојуваат иницијативата „Гласот на крајбрежјето“, проект со кој беше организирана акција за чистење на плажите и подводниот отпад од Охридското Езеро.

Собраниот отпад креативно беше реупотребен за изработка на сценографија и костими за театарска претстава „Океанија“. Дополнително, во соработка со Природонаучниот музеј ,,Д-р. Никола Незлобински“ во Струга беше насликан мурал што ги претставува автохтоните животински и растителни видови во регионот, а во рамки на серијата одржливи иницијативи, беше организирана и работилницата „Леска“, на која учесниците научија како да создаваат природни креми со локални состојки.

Europe House Струга даде и значаен придонес во развојот на локалниот бизнис и претприемништво, организирајќи Еко-базар за поддршка на малите локални бизниси, како и работилници за дигитален маркетинг, наменети за јакнење на бизнис вештините на локалните претприемачи. Во фокусот беше и поттикнување на креативноста кај младите, преку различни работилници за деца, како набљудување на ѕвездите, и воведување на театар со сенки и облаци во Основното училиште во Лабуништа.

Посветена и на културната сцена, Europe House Струга организираше филмски проекции и дискусии со говорници од различни области, потоа концерти, современа танцова работилница и изложби, меѓу кои и најновата, „Дигитално срце“, која ја истражува поврзаноста меѓу дигиталната технологија и уметноста.

Во рамки на последните активности на мрежата на Europe House, на 25 мај се одржа и хуманитарната трка „Сите за Кочани – трчаме заедно“, организирана како поддршка за заедницата во Кочани.

Настанот ги обедини граѓаните преку спорт и хуманост, и претставува пример за тоа како ваквите иницијативи можат да придонесат за пошироки општествени цели. Јавноста е поканета да присуствува на прославата, која ќе се одржи во петок, 21 јуни, во просториите на Europe House Струга со почеток во 19:30 часот.

Главниот момент на прославата ќе биде настапот на Дина Јашари, младата уметница чиј уникатен музички израз и свежа енергија носат нова естетика во музичката сцена на Балканот.

Со оваа годишнина, Europe House Struga ја зацврстува својата мисија како катализатор за младинска ангажираност, простор за иновации и поврзување на заедницата со различни сектори на општеството, промовирајќи ја новата генерација како двигател на позитивните промени. Струшкиот Europe House е дел од Europe House мрежата на Делегацијата на Европската Унија, која, освен во Струга, брои уште шест центри ширум земјата – Скопје, Битола, Тетово, Велес, Крива Паланка и Струмица.

StrugaOnline

error: