Во петок во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга ќе се одржи изложба на фотографии „Состојба на нештата-возила“ од авторката Наташа Гелева.
Возила е серија од околу 30-тина фотографии во формат 30х45 цм. Понекогаш се чини дека уметникот следи една тема во текот на својот живот и таа се манифестира во различни форми. Понекогаш треба време да се сфати главната тема на уметничкиот интерес. Така гледајќи ги од оваа перспектива изложбите „Елегија за старата железничка“, „Хомо натура- хомо технологикус“, „Излишно“, видеото „И фабриките имаат душа, заедничката тема што се провлекува низ сите нив е смртноста, ефемерноста, ранливоста, емпатијата кон она што е отфрлено, кон другото, искористено, на маргините, деструктивната сила на конзумеризмот.
Формата се менува, дали е тоа една зграда, или повеќе напуштени објекти, луѓе на работ на општеството, отпад, загубени или фрлени играчки и сега во новата серија „Возила“, тоа се само потсетници на нашата минливост.
Изложбата ќе се одржи во петок, 20 јуни.2025 со почеток во 19 часот, истата ќе биде поставена во фоајето на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ Струга.
StrugaOnline
Facebook Коментари