Се одржа Lakescape пловен базар во Струга: Креативна симбиоза во езерските води на Струга
Со тестирање на уникатен пловен базар во езерските води на Струга, вчера, беше заокружена меѓународната уметничка резиденција Lakescape, која е дел од истоимениот проект што се реализира на бреговите на три големи европски езера: Ванерн (Шведска), Балатон (Унгарија) и Охридското Езеро (Македонија).
Настанот започна во 17 часот, кога неколку локални артизани и учесници од меѓународната резиденција впловија во езерото, симболично преселувајќи ги своите дуќанчиња во чамци.
Целта е да се истражат нови форми на креативно живеење и одржливо партнерство меѓу човекот и природата.
Организатори на настанот се ИНКА – Иницијатива за независен културен активизам Струга, со поддршка од логистичките партнери Europe House Struga и Спортски клуб Соларис.
Организаторите се погрижија да обезбедат превоз до пловниот маркет, со кајак и СУП даски, се погрижија и за начинот како ќе се купува на вода. Се разбира се погрижија и за добро расположение со музика и освежување.
На базарот учествуваа локални брендови и креативци: Sanja Mikrogreens, Порака Нова, Bache handmade design, Макало од Десе, Леска Крафт, Dijana handmade, Another universe manufacture, Kalin ceramics, SAVE – Sustainable fashion shop, Плетени приказни, Дарови од природата и Дуќан.
Покрај нив, присутен беше и чамецот на дизајнерите од меѓународната резиденција – Linnéa Ekelöf, Marianne Hellman, Hajnal Gyeviki и Дуото Оаза.
Проектот Lakescape е финансиски поддржан од Европската Унија преку програмата Креативна Европа, како и од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија.
StrugaOnline

