Во тек е конзервацијата на архајското богатство од локалитетот „Расница“ кај струшко Корошишта

- Локални
75

Во тек е реализацијата на проектот за заштита и конзервација на музејскиот археолошки материјал од локалитетот „Расница“, кај селото Корошишта, Струга, место што минатата година го привлече вниманието на јавноста со епохалното откритие на архајска некропола, информираат од НУ Археолошки музеј на Република Македонија.

Меѓу највпечатливите наоди се: бронзен шлем со златни апликации, златен прстен, пекторал и фолии, килибарни мониста, сребрен кантарос и бронзени садови (каулдрон, поданиптер, оинохое) и теракотни фигурини.

– Овие артефакти не само што ја потврдуваат датираноста на некрополата во архајскиот период, туку и ја поврзуваат со богатата култура на Требенишката некропола. По завршувањето на конзервацијата, наодите ќе бидат јавно презентирани во Археолошкиот музеј во Скопје, информираат од Археолошки музеј.

Проектот се реализира со соработка меѓу Археолошкиот музеј и Заводот за заштита на културното наследство и музеј од Охрид, уште еднаш потврдувајќи ја важноста на меѓуинституционалната соработка во заштитата на културното наследство.

Во тимот што работи на проектот се д-р Перо Арџанлиев, кустос советник, раководител на проектот, Билјана Балева, виш конзерватор, Емилија Димковска, виш конзерватор, Никола Патчев, виш конзерватор, Гордана Младеноска, конзерватор и Климент Балев, препаратор.

StrugaOnline

Facebook Коментари