Стружани на протест побараа трајно решение на проблемот со депонијата – ова се нивните барања

- Локални
2103

На вчерашниот протест организиран за трајно решавање на проблемот со струшката депонија, Граѓанската иницијатива „Доста“ од надлежните побара во рок од петнаесет дена со помош на работно тело составено  од експерти да излезат со предлог-локации за одлагање отпад, а најважно е предлог локацииите да се соодветни за да има најмининални влијанија врз здравјето на луѓето. Во низата барања кои ги претстави граѓанската иницијатива се вбројува и барањето за целосно затворање и дислокација на депонијата.

Глигори Ќатоски, (претставник на „Доста“) упати апел до властите што побрзо да се создават услови за формирање на регионални депонии, бидејќи како што рече, тоа е целосно решение на проблемот не само за дивата депонија во Струга туку и за многу депонии ширум Македонија.

На вчерашниот протест се обрати и Валентина Јованоска Филипова – инженер за заштита на животна средина. Таа истакна дека во Македонија има 54 депонии од кои 16 се со висок ризик на штета. Струшката депонија спаѓа токму во групата депонии со висок ризик на штета.

„Својствата на отпадот се: експлозивност, реактивност, токсичност, токсичност за репродукција, испуштање отровни гасови, сето тоа ние го дишеме и ние го јадеме.“ – рече Филипова.

Таа како и Ќатоски упати апел за градење на регионални депонии.

Поддршка на Граѓанската иницијатива „Доста“ даде и Здружението на пензионери, од таму потсетија дека Струга е град на поезијата, град на љубовта,  град на спортот, и дека таков треба и да остане.

Додека траеше протестот, дел од активистите се наоѓаа кај депонијата. Тие  поставија табла  и рампа на која што пишува „затворено“.  Активистите исто така поставија знаци за опасност од  контаминација односно загадување. Ја спуштија рампата и поставија синџир и катинар. Информираа дека клучот ќе биде предаден  на противпожарната служба се со цел само во случај на опожарување да може да влезат ,да го локализираат и изгаснат пожарот. Протестот заврши со пораки  од страна на најмладите жители на Струга –  децата побараа здрава животна средина и чист воздух.

Извор: Strugaonline

Фото: Strugaonline

Facebook Коментари