Вечер што ќе се памети со македонскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски

- Локални
84

Енергичен и впечатлив настап на „Охридско лето“ имаше еден од најдобрите гитаристи на македонската, но и светската сцена, Дамјан Пејчиноски, кој вчеравечер беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на  ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче  Станков.

Програмата со којашто настапија и ѝ приредија на публиката прекрасна вечер содржеше авторски композиции на Пејчиноски, џез  теми, како и македонски етно композиции.

-Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ  чија долгогодишна историја  продефилирале фантастични уметници, фестивал кој  носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност, вели Пејчиноски.

Младиот  гитарист Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе  музички стилови вклучувајќи  џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и слично.

Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија.  Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“. Ова е доказ дека неговото име е прочуено и во светски рамки.

-Компанијата „Страндберг“ ќе вади нов модел на гитара и особено  имам чест што од сите нивни уметници ме избраа мене да ја промовирам новата гитара. Што се однесува до интернационалните  настапи, тие  не се толку чести, но ете, успевам нешто да договорам сам, нешто преку компанијата „Страндберг“ која  е мој спонзор. Инаку сум задоволен, изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија. Да, би сакал мојата кариера да е светска. Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак,  сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени, вели охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски.

Пејчиноски запопочнува да свири гитара на шестгодишна возраст, но вистински интерес покажува на 14-годишна возраст. По завршувањето на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишува на Националната музичка академија „Проф. Пантчо Владигеров “ во Софија (2003) и  на Новиот бугарски универзитет, каде добива целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрира. Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победува на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“).

Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др.  Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.

StrugaOnline

Facebook Коментари