Фудбалерите на Струга Трим Лум денеска играат против Силекс Кратово
Дербито во Кратово денеска ќе донесе судир на две од најамбициозните екипи во Првата македонска фудбалска лига. Силекс и Струга Трим Лум влегуваат во натпреварот со различни расположенија, но со иста цел – три бода што ќе ги одржат во борбата за врвот на табелата.

Струга во првите шест кола остана непоразена и тоа е нешто на кое сака да продолжи да гради. Напаѓачот Марјан Радески, кој е во одлична форма со четири гола и една асистенција, верува дека тимот има капацитет да издржи и во вакво тешко гостување. Тој истакна дека клучно ќе биде играчите да влезат со висок интензитет и концентрација уште од самиот почеток.
Силекс пак, по петте последователни победи, го доживеа првиот пораз сезонава на гостувањето кај Башкими. Но, тимот на Гоце Седлоски е решен веднаш да се врати на победнички пат. Португалецот Мигуел Пиреш, кој блеска во своето деби со четири гола од средниот ред, очекува тежок и израмнет натпревар. Тој смета дека победник ќе биде тимот кој ќе направи помалку грешки, нагласувајќи дека лигата е конкурентна и дека Силекс сезонава има реална цел – шампионската титула.
Натпреварот меѓу Силекс и Струга Трим Лум ќе започне во 15:30 часот на стадионот во Кратово. Очекувањата се дека ќе биде едно од највозбудливите дербија досега, бидејќи двата тима веќе покажаа дека претендираат за врвот на македонскиот фудбал.
StrugaOnline

