Стружани утре на протест за депонијата
Незадоволството ќе го искажат и на протест утре со блокада на кружниот тек на влезот од градот во периодот од 14:00 до 15:00 часот.
-Неможе повеќе вака – депонијата гори, никој не презема ништо, цела општина се труе. Токму поради изборите, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила. Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните 4 години. Доста беше – депонијата мора да се реши! Без разлика на националност, вера или партиска припадност – сите го дишеме истиот воздух, порачуваат од иницијативата Струга Вепрон.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање потсетуваат дека управувањето со комуналниот отпад е законска обврска на општините. Согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови, општините се должни да обезбедуваат собирање, транспортирање, селекција и расчистување на отпадот на нивната територија. Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот.
Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Министерството за животна средина и просторно планирање останува достапно за поддршка во рамки на своите надлежности, но одговорноста за редовното управување и одржување на депонијата е на локалната самоуправа, додаваат од Министерството.
StrugaOnline

