Сојузот на борци од Струга го одбележа 11 Октомври Денот на народното востание
Општинскиот одбор на СБМ-Струга, на 11 Октомври 2025 година, заeдно со граѓаните на Струга и струшко, со полагање на свежо цвеќе на споменикот од НОБ во центарот на градот ја чествуваа 84 – тата годишнина од антифашистичкото востание во Македонија, симбол на непокорот и борбата за слобода на македонскиот народ и народностите.
Единаесетти октомври е врвот на масовната револуционерна активност и пресвртна епоха во долгогодишната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода.
Октомврискиот ден што најави историска вечност, она што го направија македонските партизани на 11 октомври 1941 година одекнува во вечноста. Нападот на бугарската полициска станица во Прилеп, како и нападот на затворот во кој се наоѓале повеќемина политички затвореници и македонски дејци, го означија народното востание на македонскиот народ. Овој чин во македоинската национална меморија останува запаметен како почеток на востанието на македонскиот народ против бугарската фашистичка окупација, а воедно и борба против фашизмот како идеологија, за конечно ослободување на Македонија.
Денот на востанието на Македонија или Денот на народното востание на македонскиот народ, познат и како 11 Октомври, е еден од најсветлите државни празници на Македонците. Неговото чествување е прослава и чествување на македонската државност и национална слобода. Во суштина 11 Октомври е симбол на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, борба што беше насочена против фашизмот и асимилацијата на царска Бугарија, сојузник на Третиот рајх на Адолф Хитлер.
Единаесетти октомври останува да се памети и чествува како симбол на борбата на македонскиот народ за национална слобода, но и како предвсник на изградбата на самостојна, суверена и независна Македонија, истакна претседателот на ОО на СБ Струга, Ајредин Мемеди, кој организира прием во просториите на организацијата.
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ДОЛГОВЕЧЕН 11 ОКТОМВРИ -ДЕНОТ НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ
StrugaOnline

